Се затвора камп на Хвар: „Ги истеруваат луѓето на улица“

Туристи од различни делови на Европа, кои моментално престојуваат во кампот Мласка на хрватскиот остров Хвар, ќе мораат да го напуштат кампот до петок. Како што потврдуваат самите гости за Index.hr, инспекцијата вчера наложила итно затворање на капацитетот, иако на некои туристи одморот штотуку им започнал.

„Разочарани сме. Одеднаш не оставаат без сместување среде сезона. Доаѓаме овде со години, никогаш досега немало проблем. Многу од нас веќе потрошија значителна сума за патот до тука. Сега, сред сезона, треба да бараме ново место. Буквално нè истеруваат на улица“, изјави еден од гостите.

Кампот работел без дозвола

Државниот инспекторат на Хрватска потврди дека кампот работел без потребна документација за законито работење, без решение за исполнување на минималните услови и без валидна категоризација.

Инспекторите утврдиле дека и покрај претходните налози за запирање на работата, кампот продолжил да прима нови гости и делумно да се рекламира. Во објектот се наоѓаат 86 сместувачки единици – 20 бунгалови, 4 „глемпинг“ шатори и 64 камп-парцели.

На основа на Законот за спречување на нерегистрирана дејност, издадена е забрана за работа во траење од најмалку 30 дена, или сè додека не се отстранат сите неправилности.

Состојбата била нехигиенска, персоналот – без здравствени дозволи

Надзор извршила и санитарната инспекција. Пронајдени се сериозни хигиенски недостатоци – кампот бил валкан, лошо одржуван, а не се спроведувал ниту задолжителниот мониторинг на водоснабдување (на присуство на олово и легионела). За овие прекршоци се изречени парични казни.

Дополнително, еден вработен бил затекнат без задолжителен здравствен преглед и соодветна обука, поради што му е забрането да работи.

Сопствениците ги игнорирале инспекциите

Според инспекторатот, сопственикот четири пати ја игнорирал забраната, не ги информирал гостите навремено, ниту понудил алтернативен сместувачки капацитет. Кампот ќе биде физички затворен и запечатен, а сопствениците се должни пред тоа да ги отстранат сите луѓе и нивните работи од објектот.

Кога Index.hr се обиделе да го контактираат сопственикот, им се јавила жена која одбила да се претстави, велејќи: „Нема никакво решение. Не сакам ништо да коментирам, сè уште не е готово“. Но инспекцијата тврди спротивно – решението е правосилно и веќе е во сила.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни