Се сруши патнички авион во Русија – се стравува дека нема преживеани

Патнички авион Ан-24 на компанијата Angara Airlines со најмалку 40 лица се сруши во руската Амурска област, на далечниот исток на земјата, блиску до границата со Кина.

Според првичните извештаи, урнатината на авионот е пронајдена на планински терен, околу 15 километри од градот Тинда, каде што требало да слета. Руските медиуми јавуваат дека веројатно нема преживеани.

Временските услови биле лоши, а спасувачкиот хеликоптер не успеал да слета во близина на местото на несреќата, па тимовите се упатени пеш.

Снимки од местото на несреќата покажуваат дека авионот летал на многу мала височина пред падот, а остатоците од леталото биле во пламен.

Гувернерот на регионот, Василиј Орлов, соопшти дека во авионот имало 43 патници, меѓу кои и пет деца, како и шест членови на екипажот. Министерството за вонредни состојби претходно проценило дека бројот на лица во леталото бил околу 40.

Контактот со авионот бил изгубен неколку километри пред слетувањето, а остатоците биле лоцирани со помош на хеликоптер Ми-8 на руската Агенција за воздухопловна безбедност.

Во тек е истрага за причините за несреќата, а спасувачките екипи се на терен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни