Денеска граѓански активисти поднесоа забелешки на Стратегијата за рударство во име на 47 организации и институции од секторот за животна средина во Министерството за енергетика, минерални суровини и рударство. Овој документ, заедно со Стратегиската оцена за животната средина, беа претставени на јавна расправа пред неполн месец на Технолошко-металуршкиот факултет Скопје.
Изјави за медиумите дадоа Лилјана Поповска од Зелн институт – Скопје и Костадин Ристоманов од Еко Долина – Ново Село.
Екологистите тргнуваат од лошите искуствата во минатите десетина години, со неусогласеност и неспроведување на законите, како и со вешто избегнување на процедурите од страна на концесионерите, кога се создаде огромна група незадоволни граѓани. Тие успеаја да ги спречат најавените девастирачки процеси преку непрекинато протестирање. Забелешките се во насока да се заштити населението од незаситните апетити на интензивното рударство, за да се осигура иднината на младите.
Граѓанските активисти велат:
„Инсистираме нашите забелешки да се земат сериозно предвид, за да ги избегнеме непријатните сцени пред одговорните институции од минатото, како и правните битки, во одбрана на законитоста и нашето право на здрава животна средина. Ајде да се согласиме дека сите сме на иста страна, Вие што ги изработувате овие документи, Вие што ги одобрувате и ние што се бориме да ги екологизираме тие документи и таа пракса. Да го избегнеме можното незадоволство на засегнатите граѓани, водејќи се од мотото на Стратегијата за рударство: Не по секоја цена.“
Иако тимот на изготвувачи на Стратегијата вклучил одредени содржини од нивните претходни дописи, сметаат дека:
„Заклучоците не произлегуваат од содржината, па документот и понатаму силно го фаворизира концептот за Македонија како рударска земја, со рударството како носечка индустрија. Поради ова, Стратегијата останува еколошки неприфатлива, а во услови кога имаме компаративни предности за земјоделие и туризам, како и за други стопански незагадувачки гранки, логично и одговорно би било да се проектира развојот на оваа гранка умерено, мудро исчекувајќи развој на нови технологии за експлоатација на минерални суровини кои нема да загадуваат, со што ќе се предложи ограничен раст во наредниот период, за да биде Македонија заштитена од нови хаварии и загадувања, на кои сме сведоци.“
Предложената Стратегија за рударство и понатаму е во колизија со сите стратегии за земјоделие и туризам на истите простори, без темелна „кост-бенефит“ анализа. Рудници се предлагаат насекаде, дури и во самите заштитени подрачја, туристички места и производни региони за храна!
Во Стратегијата се промовира поимот на „одржливо рударство“, што е всушност оксиморон, зашто се планира огромен број рудници, буквално на секои 10 км! За екологистите, заканувачки изгледаат картите со стотици рудни наоѓалишта во секое ќоше од Македонија и прашуваат:
„Дали се тука оние околу 80 рудни наоѓалишта, од кои над 20 за металични суровини, за кои беа доделени концесии за детални геолошки истражувања и сега се спремни за побарување концесии за експлоатација? Дали тоа би значело 80 нови рудници веднаш!?“
Потсетуваат дека граѓанските протести против опасни рудници почнаа во 2016 кога се расчу за отворањето на тие 20-ина рудници за метали среде плодниот и убав Југоисток, а дека забраната на цијаниди и сулфурна киселина во 2019 ги пресече најопасните планови.
Реагираат и на предлогот за „браунфилд“ инвестиции врз стари рудници без претходно да се исчистат и санираат:
„Рударството мора да биде строго контролирано, со највисоки еколошки стандарди, според најдобрите технолошки практики. Онаму кај што не се можни такви еколошки стандарди, не се можни ни рудници – ова важи пред се за рудници за метали.“
Бараат да се унапреди Законот за животна средина со повикување на најдобрите технолошки практики, што ќе повлече ревизија на одредени еколошки дозволи за индустриските објекти, во насока на почисти технолошки процеси и поголема безбедност за луѓето, природата и биодиверзитетот. Во случајот со рудниците, тоа веројатно би значело промена на технологиите и за неколкуте стари рудници, кои не можеа да бидат опфатени со законот за забрана на опасни хемикалии поради веќе претходно издадени концесии (а ниеден закон не важи ретроактивно), по што би се утврдил одреден максимален рок за користење на цијаниди, киселини и други токсични материи. Посебно забележуваат на отсуството на јасен и недвосмислен став околу употребата на цијаниди за екстракција на метали, стравувајќи дека тоа имплицира дека некои рударски кругови имаат намера да го доведат во прашање Законот за минерални суровини во делот на забраната за употреба на цијаниди и сулфурна киселина.
Посебна забелешка ставаат на Акцискиот план што предвидува дискреционо право на Министерот за енергетика, минерални суровини и рударство да може да и предложи на Владата „да донесе уредба за прогласување на рударско подрачје за јавна корист“. Сметаат дека ова би било крај на правниот систем во оваа област и легализација на корупцијата во рударството.
Под заглавието за усогласување на националното законодавство со она на ЕУ, се зацртува брзо носење на европската Регулатива за критични суровини, штом ќе стапи на сила. Со неа се наложува секоја земја да произведе и преработи одреден процент од тие минерали. Оваа регулатива е во завршна фаза на носење во самата ЕУ и сеуште предизвикува сериозни дебати и размисли за начинот на нејзино спроведување. Потоа додаваат:
„Нам во Македонија ни недостига Директивата 2010/75/ЕУ за максимално дозволено присуство на цијаниди во испусните води од метални рудници, која се однесува на нашите стари рудници кои во моментов сеуште работат со таа технологија. Нам ни недостига и бескомпромисна контрола на рудниците и сите други индустриски инсталации. Ни недостигаат и нови закони и подзаконски акти усогласени со ЕУ: за животна средина, води, почви (воопшто нема никаков), нови гранични вредности за загадување на воздухот, водите и почвите, за контрола на индустриското загадување, како и редица сертифицирани методи за испитување на разни видови загадување.“
Заклучоци за Стратегијата за рударство:
Предлагаме Стратегијата да усвои екологистички пристап во заклучоците и акцискиот план. Македонија ДА ЈА КОМПЛЕТИРА РЕГУЛАТИВАТА за заштита на животната средина во сите области, според последните највисоки стандарди на ЕУ. ДА ГИ РЕШИ ПОСТОЈНИТЕ ЕКОЛОШКИ ПРОБЛЕМИ во рударството и металургијата, но и во целокупната индустрија, преку ревизија на еколошките дозволи и концесии, во соработка со бизнис секторот, заради унапредување и екологизирање на технолошките процеси. ДА ГИ ЗАЈАКНИ ИНСПЕКЦИИТЕ задолжени за рударството и индустријата (за технички работи, за рударство, за животна средина, за градежништво). ДА СЕ ДОНЕСАТ СЕРИОЗНИ И ТРАЈНИ КРИТЕРИУМИ за тоа каде и какви рудници би можеле, а каде и какви НЕ БИ МОЖЕЛЕ да се отворат, под НИКАКВИ околности и при НИКАКВА промена на властите.
На ваков начин, Македонија може да се развива стратешки обмислено и стабилно, со граѓани кои ќе живеат квалитетен живот во здрава животна средина, без фрустрации и стресови при секоја промена на властите.
Според екологистите, вториот документ, Стратегиската оцена на животната средина (СОЖС) не ги прикажува реално ризиците за еколошкиот, социјалниот и економскиот развој на земјата од отворањето нови рудници за експлоатација на металични и други минерални суровини и се фокусира на конструирани придобивки. Не се прикажани и обработени реални штетни и опасни влијанија од постојните рудници, во редовен процес и во услови на хаварии, што повеќе пати се случуваат.
Направен е обид да се објаснат заканите од рударството, без да се цитираат примери за оцена на загадувањето од повеќе хаварии кои се случиле во сите рудници. Отсуството на вакви примери ги компромитира сите тврдења за поволностите што се очекуваат од отворањето нови рудници, занемарувајќи ги реалните опасности и последиците од веќе настанати излевања од хидројаловишта како резултат на пукање на брана, цевки и дефекти на друга опрема.
Во СВОТ анализата како закана е наведено „постојано зголемување на еколошките стандарди што влијае на исплатливоста на инвестициите“, па се изразува „загриженост“ дека при построга обврзувачка регулатива за инвеститорите, тоа би го намалило профитот. Искуството говори дека, во отсуство на квалитетен инспекциски надзор, ќе се избегне примената на мерки за ублажување на влијанијата и ќе се продолжи со несогледливо загадување на животната средина.
„Индикатори за следење на реализација на целите, индикаторите и цели за следење на состојбата на животната средина: СОЖС поставува индикатори за следење на состојбата на животната средина, кои се базирани на оние утврдени со интегрираните еколошки дозволи. Интегрираните еколошки дозволи се издаваат согласно Законот за животна средина, кој не предвидува обврска за примена на најдобрите достапни техники. Отсуството на Закон за контрола на индустриските емисии резултира со несоодветни гранични вредности за емисии и неефикасен мониторинг на животната средина.“
Во описот на влијанијата на Стратегијата врз животната средина, се идеализираат влијанијата од управувањето со отпад, а процесите на ревитализација се опишани како „бајка за возрасни“. Наведени се придобивки како „заштита на екосистемите и ублажување на климатските промени“, без притоа да се анализираат конкретни проблеми како загадувањето на водите, воздухот и земјиштето, за што има докази. Се игнорираат долгорочните последици врз населението од загадувањето, особено од истекувања од руднички јами (на пр. кисели руднички истекувања).
Во делот за намалување на загадувањето се ветува „подобрување на јавното здравје“, но се игнорираат постоечките еколошки жаришта и нема план за нивно санирање. Постојните еколошки жаришта ќе продолжат да загадуваат, бидејќи пред тие да станат„браунфилд“ локации, ќе мора да се изврши нивна целосна санација и рекултивација. Ова не може да го финансираат идните инвеститори, бидејќи станува збор за стотици милиони евра, за кои не зборува ниту Стратегијата ниту СОЖС. Иако се нагласува искористувањето на затворените рудници за обновливи извори на енергија, нема јасен план за реализација ниту за обезбедувањето финансиски средства. Изоставен е фактот дека деградираните локации не може волшебно да станат „брауфилд“ локации, бидејќи на нив се исталожени токсични и канцерогени материи, врз кои не може само да се постават фотоволтаични панели пред истите да се исчистат и рекултивираат.
Употребата на рециклирање и повторна употреба на материјали е претставена како решение, без јасни механизми или обврзувања за компаниите.
Заклучоци за Стратегиската оцена на животната средина – СОЖС:
Анализираната СОЖС – Стратегиска оцена на животната средина претставува САМО инструмент за олеснување на усвојувањето на Стратегијата за рударство, НАМЕСТО да ги претстави реално можните ризици и да ги дискутира решенијата, доколку такви постојат.
Затоа, овој документ ТРЕБА ЦЕЛОСНО ДА СЕ РЕВИДИРА и да се одржи најмалку уште една јавна расправа на која ќе се разговара ЗА РЕАЛНИ, НАМЕСТО ЗА ИМАГИНАРНИ И ИДЕАЛИЗИРАНИ СОСТОЈБИ И ПЛАНОВИ.
Зад овие забелешки и заклучоци стојат: Зелен институт, Еко Долина – Ново Село, Здрава Котлина – Струмица, Зелените од Гази Баба, ИКС Институт за комуникациски студии, О2 иницијатива, Грин.орг – Кочани, РАДАР, АРНО, Фронт 21/42, Еко-живот – Кавадарци, Еко звон, ЦИКП, Го сакам Водно, АРТ ПОИНТ – ГУМНО, Новинари за човекови права, Балканска водна мрежа, Национален Рома Центар, Охрид SOS, ЕКО ЛОГИК, Гоу Грин, Геосфера – Битола, Ековита – Неготино, Здружение на мултиетничко општество за човекови права Штип, Рурална коалиција, Куќа на среќата, Институт за биологија при ПМФ и проф. Рената Ќуштеревска, Институт за демократија, АДИ, МЦМС, МАЦЕФ, Чеинџмејкерс, Е.Д.Е.Н., Зелен хуман град, Вила Зора Велес, ДЕМ, Независни од Карпош – За заштита на Карпош, СТИГА Е – Ново Село, Струмица и Босилово, Млади за Македонија, Центар за управување со знаење, Полимат 13 – Богданци, МЕД, Проф. Валентина Стаменковиќ од Институт за биологија при ПМФ, Граѓански центар за одржлив развој ЕГРИ, Млади правници, Еко Герила Тетово, Локал Акт Македонски Брод.