Родителите во оваа земја им плаќаат на бабите и дедовците да ги чуваат внучињата – и тоа има смисла

Сите сонуваат за „селото што го воспитува детето“ – додека не сфатат дека нивното село често вклучува пасивно-агресивни коментари, сомнителни совети и баба што од милост го нарекува внучето „полничко“.

Но, една мајка и новинарка, дописничка од странство за Huffington Post, сведочи за сосема поинаква слика – онаа каде бабите и дедовците не се извор на стрес, туку темел на кој се потпира современото родителство.

Во Сингапур, вели таа, бабите и дедовците се вистинска поддршка за милиони вработени родители. Дури половина од децата на возраст од 18 месеци ги имаат токму нив како главни негуватели. И тоа не е прашање на добра волја – туку на договор. Родителите секој месец им даваат одредена сума пари како знак на благодарност и признание.

Секако, и таму има недоразбирања за „премногу сладолед“ или „предолго гледање цртани“, но разликата е што родителите знаат како да го сочуваат мирот. Со трпение (и симболична финансиска поддршка), можно е бабите и дедовците да станат дел од секојдневната родителска рутина – без изгубени нерви.

Како тоа изгледа во пракса?

Попуштање – но во мали дози
Сингапурските мајки знаат дека повеќе раце значи помала контрола. Појадок без правила? Екран наместо чинија? Тие избираат кои битки вредат. Се воздржуваат од забелешки за ситници за да имаат сила за важните граници.

Почнете со мали задачи
Ако бабите и дедовците ви се „посебен предизвик“, најдобро е да почнете со конкретни и лесни задачи: миење шишиња, чување додека детето спие, вечерно читање преку видеоповици. Една нејзина пријателка му доделила на дедото задача – миење заби. Денес ја води целата вечерна рутина и останува на вечера.

Не очекувајте да станат модерни едукатори
Нема смисла да се трошат нерви за да го убедите дедото во baby-led weaning методот или бабата во „нежното родителство“. Малата разлика во стиловите не штети – дури може да придонесе за развој на отпорност кај детето.

Платете им. Да, навистина
Можеби звучи необично, но финансиската компензација не значи отуѓеност – туку признание. Кога сите се чувствуваат вреднувани (и емотивно и материјално), полесно е да се фокусираат на детето – а не на старите рани или борбата за доминација.

Пари за дневни трошоци, покривање на гориво, излети со внучињата – малите гестови прават голема разлика. Понекогаш најмудриот родителски потег е да му препуштиш некому другому да го држи бебето. Дури и ако тоа значи дека детето ќе јаде сладолед пред ручек.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни