Во новата епизода гости ни се Ира Бабиќ и Огнен Јанески . Тие се први братучеди, а одлично се снаоѓаат и како жири во оваа епзода на РеТрн. Со нив разговараме за сеќавањата од детството што остануваат засекогаш, нивните почетоци, за сцената и гласовите што одбележаа генерации.
Ира Бабиќ е продуцент на „Глумците пеат“ – шоуто што прв го започна нејзиниот татко, актерот Марин Бабиќ, пред повеќе од 20 години. Сега, благодарение на Ира, „Глумците пеат“ прави голем камбек.
Оваа манифестација се врати на сцена во 2023 година по 17 години пауза а заслужни за тоа се ќерките на Марин Бабиќ, Маја и Ира Бабиќ . Оваа година, на 8ми и 9ти Јуни на сцената на Македонскиот народен театар ќе се спојат музиката и театарот, во уникатното шоу Глумците Пеат.
Огнен Јанески – лице што сите го препознаваме од малите екрани. Со повеќе од две децении искуство како новинар, тој важи за еден од најчитливите и најпрофесионални гласови во македонските медиуми. Освен што е одличен во она што го работи, го познаваме и по легендарните телевизиски фрази: „Кој е на линија?“ и „Ве молиме, намалете го тонот на телевизорот.“.
Во оваа епизода дознаваме:
– Како изгледаше почетокот на Огнен пред камерите?
– Како Ира реши повторно да го врати „Глумците пеат“
– Што најмногу ја нервира Ира кај Огнен, а што него кај неа
– И што е она што најмногу го сакаат еден кај друг
Една опуштена епизода за музиката, сцената и сеќавањата која сигурно ќе ви го задржи вниманието.
Затоа, намалете го тонот на телевизорот… и пуштете РеТрн.