„Poor Things“ во режија на Јоргос Лантимос е визуелно ексцентрична и интелектуално провокативна филмска адаптација на романот на Алисдер Греј. Филмот ги комбинира карактеристичните елементи за стилот на Лантимос – апсурд, хумор и визуелна надреалност во филмска приказна за слободата, идентитетот и човечката природа.
Во центарот на приказната е актерката Ема Стоун, која блеска во улогата на Бела Бакстер, жена која оживува благодарение на експериментот на докторот Годвин Бакстер, кого го игра Вилем Дефо. Нејзината улога е емотивно комплексна и фасцинантна, бидејќи таа ја истражува својата независност, сексуалност и потрагата по смисла во свет кој е истовремено и чуден и тажен, но и прекрасен.
Елементот на реанимација на Бела, како реинтерпретација на приказната за Франкенштајн, овозможува длабока метафора за личниот развој и откривањето на идентитетот. Таа е истовремено и жена која го оживува и преиспитува своето тело, а и личност која ги преиспитува своите општествени улоги и ограничувања.
Лантимос маестрално го користи својот препознатлив стил за да создаде визуелно богато и необично искуство. Филмот е преполн со сцени кои се естетски импресивни, а светот што го создава авторскиот тим изгледа како фантастичен микс на викторијанската ера и научно-фантастични визии. Камерата, водена од креативните раце на кинематограферот Роби Рајан, ги доловува надреалните пејзажи и контрастите меѓу интимноста на ликовите и грандиозноста на светот околу нив. Композицијата на кадрите, сценографијата и стилските решенија во голема мера ги цитираат ексцесивните моменти од филмовите на Кен Расел и Стенли Кјубрик. Снимателот Рајан посебно го акцентира и влијанието на адаптацијата на романот Дракула во режија на Френсис Форд Копола врз комплетната авторска екипа.
Што се однесува до наративната структура, „Poor Things“ нуди сатира која го преиспитува патријархалниот свет и ролјите што општеството ги доделува на жените. Во суштина, филмот е и приказна за еманципација, прикажана низ една чудесно бизарна и комплексна перспектива. Овде, Лантимос и сценаристот Тони МекНамара (кој исто така работеше на „The Favourite“) успешно балансираат меѓу интелигентен хумор и суштинска критика на општествените структури.
„Poor Things“ не е филм за секого. Неговата уникатна стилска експресија и неконвенционалниот пристап може да дистанцираат дел од гледачите, но за љубителите на Лантимос и за оние кои сакаат филмови кои предизвикуваат интелектуална стимулација и визуелно уживање, ова е дело што остава посериозен впечаток. Ема Стоун, со својата брилијантна изведба, во комбинација со провокативната режија на Лантимос, го прават „Poor Things“ искуство што предизвикува размислување и го доведува во прашање нашиот свет и поимите за слобода и идентитет.
Јане Алтипармаков