Во Ирска и Италија, една шолја еспресо веќе достигнува и до четири евра, што е значително повеќе од 2,5 до 3 евра, колку што чинеше во 2020 година. Некои ирски угостители предупредуваат дека цената наскоро може да достигне и пет евра. Во центарот на Белград речиси е невозможно да се испие еспресо под два евра.
Од производителите до крајните потрошувачи, чувствуваат се последиците од растот на цената на суровото кафе, поттикнат од комбинација на климатски промени, растечка побарувачка, логистички проблеми и пазарни шпекулации.
Странски аналитичари истакнуваат неколку клучни фактори зад овој загрижувачки тренд. Но, за порталот, домашни експерти укажуваат на уште еден феномен: падот на светските залихи на кафе, заедно со истовремен раст на побарувачката, довел до изедначување на цената на комерцијалното и специјалното кафе. Разликата која некогаш била 50 до 70 проценти, денес изнесува само 10 до 20 проценти, што може да доведе до пад на квалитетот на кафето, бидејќи на пазарите со пониска платежна моќ може да се дозволи мешање со додатоци како што се цикорија, јачмен или грашок.
Инаку, додавање сурогати во одреден процент е дозволено, но производителите се обврзани тоа јасно да го наведат на декларацијата.
Угостителите, особено во Европа, се борат да ги одржат профитните маржи. Здружението на ресторани на Ирска (RAI) истакнува дека нивните членови се соочуваат со раст на набавните цени на кафето, кои за само една година се зголемиле за до 40 проценти, заедно со повисоки трошоци за енергија и деловно работење.
Производителот „Лаваца“ објави дека ја намалил својата профитна маржа од 11–12% на 9,3% во 2024 година. Дополнителен притисок создава и новата американска царина од 10 проценти на увоз на кафе, а некои од најголемите компании во оваа индустрија дури најавиле можно преместување на производството на американско тло, иако е неизвесно дали тоа брзо ќе ја стабилизира состојбата во секторот.
Претседателот на Каталонското здружение за кафе нагласил дека сушите во последните три до четири години во Бразил и Виетнам биле особено тешки и предизвикале пад на приносите, што е сериозен проблем бидејќи овие две држави произведуваат дури 55% од светското кафе.
Прогнозите за бразилската жетва во 2025 година не се поволни – Rabobank предвидува пад од 6,4% во производството на кафе во наредната сезона. Во споредба со минатата година, цената на арабиката се има удвоено, а робустата, која веќе поскапе пред две години, пораснала за дополнителни 40 до 50 проценти.