Министерот за надворешни работи на Данска Ларс Локе Расмусен денеска изјави дека неговата земја била сериозна кога порача дека Гренланд не е на продажба, откако американскиот државен секретар Марко Рубио вчера изјави дека намерата на претседателот на САД, Доналд Трамп, да го купи Гренланд „не е шега“.
Трамп изјави дека автономната територија на Данска би можела да стане дел од САД, не исклучувајќи ја можноста за употреба на воена и економска сила за да го натера Копенхаген да прифати.
Рубио нагласи дека припојувањето на Гренланд е стратешки национален интерес на САД.
– Ова не е шега. Не се работи за освојување територија заради освојување. Тоа е наш национален интерес и мора да биде решен, рече Рубио.
На ова, Расмусен одговори: Повеќе би се изненадил ако речеше дека е шега. Ние сериозно велиме дека Гренланд не е на продажба.
Гренланд има околу 57.000 жители кои управуваат со домашните работи, додека Данска е одговорна за одбраната и безбедноста. Копенхаген тврди дека само жителите на Гренланд можат да одлучуваат за својата иднина.
Според договорот, САД имаат воздушна база на островот.
Истражувањата покажуваат дека повеќето жители на Гренланд сакаат послаби врски со Данска, но се противат на идејата за припојување кон САД.