Оваа пролет, Фестивалот што вибрира во просторот меѓу филмската слика и критичката мисла, на процепот меѓу полемиката и поезијата, Фестивалот што ги спојува зачудувањето и очудувањето, го слави својот 15. роденден. Славјето е седумдневно (22-28 мај), сместено во удобната кино-сала на Кинотеката на С. Македонија, во којашто ќе бидат прикажани триесетина филмови од Европа и сите краишта на светот.
“Годинава, фокусот на Филозофскиот филмски фестивал (ФФФ) е насочен кон култниот италијански режисер Пјер Паоло Пазолини (ППП) – фигура што совршено ги спојува трите зборови што стојат во срцето на нашата програмска настроеност: провокативен, полемичен, поетичен. Во склоп на Ретроспективата беа прикажани четири филма на Пазолини, а со проекцијата на петтиот филм ќе се одбележи отворањето на фестивалот!” велат организаторите.
Како и претходните години, како најава за Главната програма, во рамките на ФФФ Doc. се одржа настанот ФФФ@МСУ на кој публиката имаше можност да ја погледне провокативната филм-анкета на Пазолини „Љубовни заседанија“. Пазолини прави обиколка низ целата земја – од фабриките до плажите, од буржоазијата до лумпенпролетаријатот, од Милано до Сицилија – и интервјуира случајни минувачи и неслучајни интелектуалци за нивните ставови кон сексот. Тој нуди пресек на една Италија растргната меѓу политиката и интимата, меѓу строгиот католички морал и скриените, често неартикулирани желби и страсти. Пред проекцијата се обрати проф. Соња Мизерендино, Аташе за култура на Италијанската амбасада во Скопје, а кусо воведно излагање за разностраното творештво на Пазолини и неговата застапеност во Македонија одржа проф. д-р Анастасија Ѓурчинова.
Фестивалската програма е изградена од разновидни сегменти: од Ретроспективата, Едукативната програма, компетитивните селекции на краткометражен и долгометражен филм, Придружната програма со селекцијата на турски краткометражни филмови и, од лани првпат воведената, Селекција на видеоесеи, па сè до Ревијалната програма: Филм-философија, со излагања на филмофили, професори, филозофи и вљубеници во амалгамот на филмското и филозофското.
Најзаслужни за квалитетната програма што ја нуди Фестивалот, секако се селекторите, коишто секоја година внимателно ги избираат филмовите. Селектор на долгометражните филмови (ОСД) е проф. м-р Кирил Трајчев, селектор на краткометражните филмови (ОСК) е д-р Дејан Здравков, а селекторка на видеоесеите (ВЕ) е м-р Ивана Мирчевска.
Преку Официјалната селекција на долгометражни филмови годинава ќе бидат претставени пет филма, премиерно излезени минатата година. Тие се во конкуренција за наградата „Златен був“ од стручното жири и од публиката за Најдобар долгометражен филм. Првиот филм ќе биде прикажан на вториот фестивалски ден (23. мај) од 21:00 ч. Станува збор за францускиот филм „Последен здив“ во режија на Коста Гравас во кој, преку спонтан филозофски дијалог, докторот Augustin Masset и писателот Fabrice Toussaint водат расправа за животот и смртта, при што доаѓа до соочување со сопствените стравови и егзистенцијални тегоби. Ова остварување на Коста Гаврас деклинира од вообичаениот негов тематско–мотивски курс и многу помалку претставува стандарден филмски наратив, а многу повеќе е филозофско–интелектуална медитација за животот и смртта. Филмот е учесник на филмскиот фестивал во Сан Себастијан 2024 година.
„Универзален јазик“, на канадскиот режисер Метју Ренкин, е вториот филм од ОСД, кој ќе се проектира на 24. мај од 21:00 ч. Со зачудувачка имагинација „Универзален јазик“ нè поканува да погледнеме подалеку од секојдневните поделби. Ја истакнува нашата различност наоѓајки невидливи нишки кои нè поврзуваат сите нас. Културните традиции се спојуваат со чувството за заедницата како општа карактеристика. Влијанието на иранската филмска школа и присуството на „духот“ на иранскиот филм во ова синеастичко остварување е евидентно на прв поглед. Во едно свое авто-интервју режисерот ќе рече дека ги охрабрува луѓето да размислуваат за „Универзален јазик“ како за филмски Венов дијаграм помеѓу Винипег, Техеран и Монтреал. Филмот се закитува со награди од повеќе филмски фестивали како: Кан, Торонто, Нешвил, Мелбурн и други.
Следниот ден, на 25. мај, 21:00 ч., ќе ја проследиме проекцијата на „Новата година што никогаш не дојде“. Oстварувањето на режисерот Богдан Мурешану е филм настанат на база на краткометражниот авторов филм „The Christmas Gift“ снимен во 2018 година и претставува потресна и духовита анализа на општеството и психолошката состојба на шестмината главни јунаци чии животи се испреплетуваат непосредно пред падот на режимот на Николае Чаушеску. Со естетика која автентично ни го пренесува времето од филмската приказна, суптилно прикажувајки ни ја заедничката врска на неколкумина секојдневни и обични херои втопени во трауматичноста што режимот ја генерира, оваа социјално–политичка драма зборува за индивидуалната истрајност и интенција на романскиот народ да се ослободи од темните коридори на репресивниот систем. „Новата година што не дојде никогаш“ е добитник на награди од фестивалите во Венеција, Каиро, Луксембург итн.
Вечерната проекција од 21:00 часот на петтиот фестивалски ден, 26. мај,е резервирана за „Шамбала“ во режија на Мин Бахадур Бам, кој мајсторски мешајќи ја традицијата и модерноста, ни отсликува една непозната и ретка култура, шетајки нè низ маѓепсувачките пејзажи на Хималаите. Станува збор за занесна и мирно сосредоточена непалска одисеја која раскажува за едно патување во потрага по исчезнат сопруг кое ќе се развие во трагање по слободата и себеоткривање. Режисерот сугерира дека духовната слобода можеби не доаѓа од слепото прифаќање на надворешните верувања, туку од гледањето навнатре и одредувањето на сопствениот пат. „Шамбала“ е првиот непалски филм што е прикажан во главната конкуренција на Берлинале во 2024 година.
Петтиот и последен филм од Официјалната селекција на долгометражни филмови, чија проекција ќе се одржи на 27. мај(21:00 ч.) е долгометражниот првенец на грузискиот режисер Џорџ Сихарулидзе, „Паноптикон“. Кога таткото на Сандро ќе одлучи да замине во манастир и да се посвети на Бога, интровертниот тинејџер ќе се најде затечен пред темелните животни искушенија. Препуштен сам на себе, обременет со будењето на сексуалноста исполнета со воајеризам и егзибиционизам, младиот човек тргнува на пат кон самопознание. Самиот наслов на филмот е преземен од концептот на Мишел Фуко наречен паноптицизам, кој ја претставува меѓу другото и постојаната можност за посматрање.

Во конкуренција за „Златен був“ за Најдобар краткометражен филм според жирито и според публиката, ќе бидат прикажани 15 филмови распределени во две филмски вечери. Од 18:00 часот, на 23. и 26. мај ќе се одржат проекции во коишто посетителите ќе имаат можност да погледнат квалитетна селекција на краткометражни филмови, коишто отвараат најразлични човечки/општествени прашања и поттикнуваат размисли за нив. Филмовите доаѓаат од сите краишта на светот, како: Франција, Мексико, Аргентина, Германија, Австралија, Португалија, Хрватска, Бугарија, Египет, Русија, Италија, Шведска, Турција, Гватемала, Чиле, Холандија, САД, Венецуела, Канада и Белгија.
Жирито го сочинуваат домашни и меѓународни познавачи на филмот и филозофијата: Кумјана Новакова (режисерка), Хасан Сердар Гергерлиоглу (фестивалски директор, Турција) и Мартин Ередеро Кампо (филозоф, Шпанија), кои ќе одлучуваат за наградите во Официјалните конкуренции на долгометражни и краткометражни филмови.
И годинава продолжуваме со лани првпат воведената селекција на видеоесеи, која ќе ѝ ја претставиме на публиката на 28. мај од 18:00 часот, пред затворањето на фестивалот. Еден од видео есеите е „Дневникот на едно небо“, во кој Лоренс Абу Хамдан го користи звукот како политички и форензички инструмент. Филмот сведочи за милитаризацијата на небото и нè изложува на звучна војна што не експлодира, туку тлее незабележлива, долготрајна и смртоносна. Потоа, ќе се прикажува „Последни нешта“, филозофско-геолошка медитација направена во духот на постхуманизмот на Дебора Стратман. Тој нè враќа во искуството на материјата – како последна, но жива трага на свет во кој создавањето и распаѓањето се ист процес, а еволуцијата тече низ многубројни, непредвидливи облици. Дел од селекцијата е и „Бесконечниот свет“ од Лукас Бергер кој ни прикажува сонлива естетска композиција во движење. Недопрените пејзажи, придружени од звукот на водата и свиркањето на ветрот, создаваат слика на бескрајно пространство што опстојува без многу луѓе. И четвртиот видео есеј кој ќе се проектира е „Случајни животни“ на Лејла Фатима Кејта и Феликс Кле, кој ги разгледува средбите помеѓу автомобилот на Google Street View и животни како пајаци, магариња и кучиња. Зошто алгоритмот ги заматува лицата на свињите? Што значи кога петнаесетте камери на автомобилот ќе го сретнат погледот на едно животно?
Програмата со која се потсетуваме на култните филмови и се обидуваме да ги гледаме од нови аспекти е Ревијалната програма: филм-философија која вклучува излагања од специјални гости. На Отворањето на фестивалот (22. мај, 20:00) ќе ја погледнеме библиската драма во манир на италијанскиот неореализам, „Евангелие според Матеј“ од Пјер Паоло Пазолини. Дијалозите во италијанскиот филм го следат автентичниот текст на евангелието, а ставен е акцент на поетските врвови на текстот. На 24. мај (18:00 ч.)ќе го погледнеме надреалистички нео-ноар „Изгубениот автопат“ на Дејвид Линч во кое се одржува мистериозноста и интригантноста на дејствието, кое со сета чудна и фантастична суштина, тешко се анализира, но успева да навлезе длабоко во психата на гледачот. На проекцијата излагање ќе одржи нашиот гостин од Турција, Озер Озкантар, на тема „Изгубени автопати на умот: истражување на кинематографската филозофија на Дејвид Линч“. Три дена подоцна (27. мај, 18:00 ч.) ќе се проектира „Светите невини“ на Марио Камус. Со бруталниот приказ на огромните социјалните разлики помеѓу бесчувствителната аристократија и потчинетата работничка класа, филмот на Камус создава автентична студија за Шпанија во времето на режимот на Франко. Овојпат, ќе ни зборува Марио Ередеро Кампо (Шпанија) на тема „Каде лежи злото“. Затворањето на фестивалот го издвоивме за проекција на едно од последните дела во плодниот уметнички опус на Дерек Џарман, „Витгенштајн“. Во овој филм е претставена драматизација на животот и филозофијата на Лудвиг Витгенштајн (1889-1951), преку неколку сцени од неговата биографија, визуелизирани со минималистичка сценографија, врз база на сценарио на литературниот теоретичар Тери Иглтон. Притоа, публиката ќе може да го слушне постхумното видео-излагање на Ернесто Ередеро дел Кампо насловено „Витгенштајн и филмот“.
Во рамки на Придружната програма, за првпат кај нас, во соработка со списанието „Синефилозофи“ од Турција, ќе се одржи мала селекција на турски краткометражен филм именувана „Филозофија преку краток филм“, курирана од проф. Сердар Озтурк од Турција. Ќе бидат прикажани три филма: „И јас исто“ од Еџе Акалан Алаѓоз, „Ми светна“ од Тувана Симин Ѓунај и „Обичај“ од Али Риза Бајазит. За нив е резервирана проекцијата од 18:00 ч. на 25. мај, а Сердар Озтурк ќе има излагање и дијалог со публиката.
Во изминатите два месеца (април-мај) се одвиваше Едукативната програма на 15. Филозофски филмски фестивал. Сегментот Средношколска видео лектира (СВЛ) започна на 10. април во Културно информативниот центар. Во соработка со Шпанската амбасада во Скопје, го прикажавме филмот „Во длабокото“ (2004) од режисерот Алехандро Аменабар. Поврзување на филмот со годинешната тема „Смртта како право, животот како должност: што значи да се живее/умре достоинствено?“, од Конкурсот за најдобар фил(м)ософски есеј, направи Виктор Јованоски. Проекции се одржаа и во училишта низ дваесетина други градови низ Македонија, односно филмот го погледнаа околу 800 ученици. Најдобрите три есеи, по одлука на Стручната комисија, ќе добијат богати и разновидни награди од нашите соработници во овој едукативен сегмент.
Во склоп на оваа програма, се одржа и Работилница за млади со д-р Атанас Чупоски, на 10. и 17. мај во КСП Центар-Јадро. Учесници беа филмофили на возраст од 17-19 години кои на работилницата се запознаа со филмската естетика, јазик и приказна. Додека, сегментот наменет за најмалите, Фил(м)ософија со деца, ќе се одржа на 20. мајво ООУ „Браќа Миладиновци“ и 23. мај во ООУ „Владо Тасевски“ во Скопје. Годинава темата на која размислуваа учениците е „Што е тоа добрина?“, а нивните размислувања ќе се потикнати од кратки филозофски провокативни видеа. Работилницата ќе ја одржи нашиот експерт во оваа област, д-р Мартин Поповски.
Покрај сето ова, годинава на фестивалот му претходеше и OFF програмата посветена на иранско-британската режисерка Меријам Тафакори. На 27. март во КСП Центар-Јадро се одржа работилница за експериментални видеоформи во организација на Ѓорѓи Пулевски и Ивана Мирчевска, а со свое излагање имаше и Артан Садику. Додека, следниот ден (28. март) во Музејот на современата уметност се проектираа четири филма на Тафакори: „Иранска чанта“, „Танцот на погледите“, „Кодни имиња“ и „Опиено срце“. На крајот, настанот се заокружи со онлајн разговор со режисерката.
15. издание на Филозофскиот филмски фестивал е во организација на Филозофското друштво на Македонија и се одржува со институционална поддршка на Агенцијата за филм на Република С. Македонија, како и во партнерска соработка со Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје и Кинотеката на С. Македонија. Фестивалот годинава е поддржан и од: Италијанската амбасада во Скопје, Амбасадата на Кралството Шпанија во Скопје, British Council, Музејот на современата уметност Скопје, списанието Sinefilozofi од Турција, Универзитетот „Еуропа Прима“, Културно информативниот центар – Скопје, Култура Бета. Спонзори на 14. ФФФ се: Горска, Камник, Аз-Буки, Хотел Цара, Дукат, Мартини, додека негови медиумски покровители: Телевизија 24, Радио 103, Нова Македонија, Слободен Печат, Окно, Трн, Кајгана и Умно.
Постерот и визуелниот идентитет на Фестивалот го изработи Катарина Пренда, додека трејлерот е дело на Владимир Владимиров.