Жената која исчезнала пред 52 години беше најдена жива и здрава откако полицијата објавила нејзина нејасна фотографија, со што е решен еден од најдолгите британски случаи на исчезнување, пренесува Guardian.
Шејла Фокс, која сега има 68 години, исчезнала од Ковентри во 1972 година, кога имала 16 години. Полицијата тогаш изјавила дека девојката, која живеела со своите родители, можеби била во врска со некој маж и дека постои можност да се отселила. Таа била ќерка на Џорџ и Мириам Фокс и најмала од петте сестри. Последен пат била видена на 18-ти август 1972 година на пат за училиште, каде не се појавила, а некои сведоци тогаш изјавиле дека ја виделе со непознат маж.
Пред неколку дена полицијата објавила нова молба за информации за Шејла, со нејзина нејасна фотографија од времето кога исчезнала. Во рок од неколку часа добиле бројни пријави, а вчера официјално потврдено дека Шејла Фокс живее во друг дел од земјата.
„Секоја исчезната личност има своја приказна“
„Среќни сме што можеме да објавиме дека го решивме еден од најдолгите случаи на исчезната личност во историјата на Велика Британија. Со помош на старата фотографија на Шејла, која ја најдовме и ја објавивме на нашата веб-страница и на социјалните мрежи, во рок од само неколку часа луѓето ни се јавија со информации кои ни помогнаа да ја пронајдеме“, изјавил портпаролот на полицијата.
„Пребаравме секој дел од доказите кои можевме да ги најдеме и пронајдовме фотографија“, изјавила детективката Џена Шо. „Ние сме мал тим и сакаме да го пофалиме детективот Шон Рив, кој со помош на дојавите успеа да го реши овој случај. Секоја исчезната личност има своја приказна, а нивните семејства и пријатели заслужуваат да знаат што им се случило и да се, ако е можно, повторно соединат со нив“, додала.
Засега нема дополнителни информации за тоа каде точно е пронајдена Шејла и што се случувало со неа во последните 50 години.