Промовирана книгата „Од дијалог до политика: дизајн на градови што слушаат и одговараат“

„Од дијалог до политика“ е нова книга на Климентина Ѓорѓиоска која нуди модели за одговорно локално владеење, инспирирани од истражување во Њу Орлеанс и применливи во македонски контекст.

Книгата „Од дијалог до политика: дизајн на градови што слушаат и одговараат“ чија авторка е Климентина Ѓорѓиоска како модел за поодговорно владеење, мост меѓу теоријата и практиката беше промовирана деновиве во градската библиотека во Прилеп, во присуство на пошироката општествено-политичка и научна јавност, а голем интерес за темата покажаа многу граѓани.

 Делото во голема мера се темели на етнографско истражување спроведено во Њу Орлеанс и има за цел, да посочи на модели на функционирање на локалната власт, кои може да се адаптираат и имплементираат и во македонските општини. Целта е поголема  отчетност, одговорност, меѓусекторска соработка, респонзивност на локалната власт, пристап до податоци како почетна точка на третирање на сложени теми, формализирано учество и граѓанска едукација, зајакнување на довербата и заемна комуникација, транспарентност, резилиентност и одржливост на политиките за локално владеење. Овој обемен истражувачки труд содржи бројни и конкретни препораки, кои може да ги користат и советниците во секоја општина во државата, при креирање на програмите  со цел да го направат поефикасно своето дејствување како алка во синџирот на локалната власт и да покажат поголем слух за потребите и барањата на локалната заедница.

-За мене е многу значајно младите истражувачи да го најдат своето место, особено во локалниот контекст, и да можат да дадат придонес во зголемување на квалитетот и на експертизата во локалната заедница. Сметам дека таа заложба во овој момент е од огромно значење, особено затоа што последниве децении, условите за подобрување на демократијата и на демократските процеси не се поволни и се влошуваат, изјави промоторката, д-р Ана Блажена, вонреден професор на Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје.

Претставничката на Советот на Њу Орлеанс, Алисон Поорт, која за овој повод допатува во Прилеп, меѓу другото го истакна придонесот на авторката Ѓорѓиоска, за време на нејзиниот професионален ангажман во работата на Канцеларијата на советничката, Лесли Харис во Њу Орлеанс. 

-Климентина беше навистина вреден ресурс за нас. Таа ја сподели својата експертиза и искуство и ни помогна да го создадеме првиот Фонд за домување во градот, што бара годишно издвојување на милиони долари за достапно домување. Но, таа, исто така, внимателно ги набљудуваше различните начини на кои Градскиот совет, а особено советничката, Харис свесно и намерно се грижи нашето работење да биде водено од гласот на жителите. Тоа важи и за законодавството, и за буџетот, како и за тоа, како советниците и нивниот персонал го поминуваат своето време секој ден. Чест ми е што Њу Орлеанс служи како модел, рече Поорт, на промоцијата на ова дело, кое содржи темелна анализа на применетите практики во локалните институции на Њу Орлеанс.

Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, ја истакна важноста на делото за локалната заедница.

-Во ова време кога се соочуваме со бројни предизвици, оваа книга е вистинска мотивација, модел за тоа како граѓаните, локалната власт и институциите можат заеднички да создаваат подобри услови за живеење, истакна градоначалникот Борче Јовчески.

Авторката Ѓорѓиоска, смета дека концептите: заедница, политика и локално владеење се клучните столбови на кое се базира ова истражување.

-Зошто заедница? Затоа што не треба да заборавиме на историскиот континуитет на заедниците, кои според антрополозите претставуваат универзални форми на општествена организација. Оттука политиките се појавуваат со организирањето на заеднички живот и потребата од носење обврзувачки колективни одлуки. Искуството од Њу Орлеанс за мене беше инспирација и доволен мотив за создавање на ова дело, кое треба да ја најде својата општествена и практична примена во функционирањето на локалната власт и зајакнување на релацијата: заедница-локална власт-изјави Ѓорѓиоска.

Издавач на книгата „Од дијалог до политика: дизајн на градови што слушаат и одговараат“ е Друштвото за наука и уметност – Прилеп.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни