Продуцентот на последниот албум на Шинед О’Конор: Се чувствував како да ја снимам Нина Симон

Фото: Kim Haughton/Shutterstock

Во 2018 година, Дејвид Холмс беше поканет на концертот за 60-ти роденден на Шејн Мекгован. Погус, Боно, Ник Кејв, Боби Гилеспи и многу други изведуваа песни во негова чест. „Сите беа таму за да ја прослават генијалноста на Шејн, но таа се издвојуваше “, вели Холмс. „Шинед О’Конор го украде шоуто“.

Холмс, диџејот, продуцент и композитор од Белфаст кој има работено со сите, од Ноел Галагер до оскаровецот Стивен Содерберг, налетал на О’Конор по шоуто и ја искористил шансата да предложи да работат заедно на албум. „Таа воопшто не се сомневаше во мене“, вели Холмс. „Таа немаше поим за ништо што сум направил досега, но таква беше Шинед. Толку неосудувачка и неверојатно пристаплива“.

Кога Холмс почнал да ѝ испраќа мелодии како идеи за можна насока за песните, одговорот на О’Конор бил емпатичен. „Ѝ испратив музика и апсолутно ѝ се допадна“, вели тој. „Потоа направивме препев на Trouble of the World на Махалија Џексон [објавена во 2020 година], но кога го снимивме, двајцата знаевме дека тоа не е тоа. Таа беше уморна, но рече: ‘Знаеш што, ќе размислувам за песната уште неколку дена, ќе научам повеќе и ќе се вратам во среда’“.

„Во вторникот вечерта бев буден до 5 часот наутро и уредував вокали. Во 9 часот некој ми заѕвони на вратата и знаев дека е Шинед. Мојата сопруга слезе долу да одговори на вратата, а Шинед рече: ‘Тргнав од Бреј во три часот наутро затоа што бев многу возбудена поради снимањето.’“ Сесијата на Холмс до 5 часот наутро се покажа како залудна. „Ѝ направив сендвич со сланина и шолја чај“, се сеќава тој. „Отидовме горе, се наместивме, ставивме слушалки и почнавме да снимаме. Бум. Снимивме на прва. Таа беше во нејзиниот автомобил назад за Бреј во 10 часот. Бев како: леле, никогаш нема да го заборавам овој момент“.

Двојката сними осум песни во период од пет години. Во 2021 година, О’Конор објави дека албумот треба да се вика „Ниту еден ветеран не умра сам“ и дека е планиран за издавање следната година. Тоа не се случи, веројатно поради трагичната смрт на нејзиниот 17-годишен син Шејн во јануари 2022 година.

Создавањето на албумот беше хармонично, вели Холмс. „Таа ми рече: ‘Сакам да правиме музика заедно засекогаш’. Се разбиравме“. Ова го повтори и самата О’Конор, зборувајќи за Irish Sun во 2018 година: „Дејвид е прекрасен и најљубезната личност што мислам дека сум ја сретнала. Буквално би ви ја дал кожата од грбот, да не зборуваме за кошулата“.

Како што раскажа Холмс, О’Конор целосно се фрлила во проектот. „Таа дури и се пресели во Белфаст  и почна да живее во мојата куќа“, вели Холмс. „Првата куќа што некогаш ја купив беше мал бунгалов. Таа се всели и ѝ се допаѓаше. Таа ќе одеше во маркет и бидејќи Белфаст е толку мало место, луѓето веднаш ја препознаа: ‘Дали ја видов Шинед О’Конор во супермаркет?’“

Присуството на О’Конор во Белфаст не се чувствувало само во маркетите и малиот бунгалов. „Добив телефонски повик од единствениот свештеник што го познавам во Северна Ирска“, вели Холмс. „Јас сум толку нерелигиозен, но тој беше свештеник на погребот на мојата сестра и на еден мој пријател. Свештеникот ми рече: ‘Можете ли да ја натерате Шинед да ја ми ја потпише „Сеќавања“ [нејзината автобиографија], бидејќи јас мислам дека таа е пророк?’ Ова ми го кажа свештеник во католичката црква“.

„Таа беше осудувана затоа што повика да внимаваме на овие чудовишта“, вели тој. „И тоа беа тие, чудовишта. Тоа е навистина трагично справување со многу убава, искрена, бестрашна жена која имаше толку многу љубов да даде“.

Иако беа само неколку години разлика, Холмс се сеќава на влијанието што О’Конор го имала врз него додека растел. „Како може некој да го слушне нејзиниот глас и да не биде погоден од него?“ тој вели. „Кога првпат почнав да одам во клубови и да се впуштам во културата на екстази, се враќав во мојата спална соба [по ноќно излегување] и ја слушав 12-инчната верзија на Nothing Compares 2 U и плачев. Но, тие беа солзи радосници. Тоа беше музика во нејзината најдлабока можна верзија. Тоа беше повисока врска. Нешто што само влегува во твоето срце и душа и ги притиска“.

Фото: Paramount Pictures (UK)

Холмс почувствувал инстинктивен нагон да работи со О’Конор на музичко и лично ниво. „Почувствував длабоко во моето срце дека има толку многу што таа допрва треба да постигне“, вели тој. „Во однос на музичките насоки, палета на звуци и нејзината огромна широчина на емоции имаше толку многу места каде таа сакаше да оди. Ги спомнав лековитите аспекти затоа што имав проблеми со моето ментално здравје и музиката беше голем дел од тоа што ми помогна. Таа го имаше совршениот глас да лечи и да им помогне на луѓето да поминат низ многу тешки времиња“.

Холмс од прва рака го забележал јазот помеѓу О’Конор и нејзиниот јавен портрет. „Ги гледате перцепциите на другите луѓе за неа и тоа е толку неправедно“, вели тој. „Бидејќи си имате работа со некој со извонреден подарок – само со долга историја на проблеми со менталното здравје – и наместо да ве негуваат и помагаат, таа беше исмејувана и оцрнувана. Целата работа е толку крвава и средновековна. Третманот што таа го доби со текот на годините е едноставно ужасен. Кога работев со неа, се што видов беше некој кој беше неверојатно љубезен, смешен и многу внимателен“.

Фото: Frank Hoensch/Redferns

Тој кажува дека магијата сè уште била присутна за време на снимањата. „Бев како, о Боже, ова е како да ја снимам Нина Симон“, вели тој. „Нема никој друг како неа. Таа има еден од најчистите гласови што некогаш ќе ги слушнеме во животот“. Но, Холмс се уште не сака да зборува за тоа како звучи албумот. „Има многу работи  за кои би можел да зборувам, но прерано е да почнам да зборувам за музиката“, вели тој. „Не знам кога ќе го види светлото на денот и тоа не е моја работа. Тоа зависи од нејзините наследници и издавачката куќа. Но, албумот е извонреден“.

Албумот во голема мера беше завршен до времето на смртта на синот на Шинед, Шејн. „Се сеќавам дека тогаш размислував: не знам дали може да го преживее ова“, вели Холмс. „Бидејќи ја разбрав нејзината кревкост и колку го сакаше Шејн“.

Сепак, Холмс сака да ја нагласи потребата за фокусирање на радоста над трагедијата по нејзината смрт. „Сакам да ја оплакувам, но и да ја славам затоа што тоа го правиме во Ирска“, вели тој. „Ја славиме нашата смрт. Да, таа беше премлада, но има толку многу за славење наместо да се зборува за негативните аспекти од нејзиниот живот. Шинед беше измачувана, но и таа беше навистина среќна и дел од мене мисли дека сега е во мир“.

Извор: The Guardian

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни