Вечерва на сцената на Албанскиот театар за деца и млади – Скопје ќе биде изведена премиера на претставата „Адамс Фемили“ со адаптација и режија на Теа Беговска, наменета за млади над 15 години.
„Фамилијата Адамс“ е приказна со која сите сме растеле и за поголемиот дел од публиката е веќе позната. Карактерите се препознатливи, многу атрактивни и предизвикувачки за креирање, како за актерите така и за режисерот. Имаме подела за карактерите која е полн погодок кај нас. Ова е прва постановка кај нас на Фамилија Адамс. Претставата е намената за млади и тинејџери, но, ова е претстава и за возрасните, за родителите и сите семејства. Претстава во која како тема се проткајува љубовта и разбирањето за тоа дека таа е најсилна од се’. Прифаќање на нештата онакви какви што се. Разбирање за тоа дека убавината е во различноста, среќата е во различноста. Среќата како начин и избор, а не нешто наметнато и научено според правила. Вредностите на општеството се учат и применуваат само преку различностите, а не преку строги, одредени и единствени правила. Вредностите на едно семејство не се тоа што го пишува во учебниците, вредностите на семејството не се однапред измислена и научена дефиниција на памет – семејството е искреност, верба, љубов, прифаќање – целосна хармонија, информираат од Албанскиот театар за деца и млади-Скопје.
Улогите ги толкуваат Валдета Исмаили, Мелика Кастрати, Мумин Абдулахи, Деа Пајазити, Флакрон Али, Елдин Широки, Гзим Жерка, Блерим Дардишта. Сценографијата е на Дардан Ахмети и Теа Беговска, а костимите на Андреј Папаз Ѓоргиевски. Композитор е Енес Беговски.