Чувениот брод Титаник потонал на 15 април пред 113 години. Денесмалкумина знаат дека еден од преживеаните од таа трагедија подоцна станал олимписки шампион.
RMS Titanic бил британски прекуокеански патнички брод, сопственост на компанијата White Star Line. Потонал на 15 април 1912 година, во Северниот Атлантик, при своето прво патување од Саутемптон (Англија) кон Њујорк (САД), откако удрил во санта мраз. Од вкупно 2.224 патници и членови на екипажот, околу 1.500 загинале – правејќи ја оваа трагедија најсмртоносна во историјата на цивилното бродарство до тогаш.
Трагедијата инспирирала многу уметнички дела, како и промени во безбедносните прописи. А инспирирала и еден млад човек кој, губејќи го татко си во мразот, решил да го оствари својот сон.
Дјуен Вилијамс бил клучната фигура во основањето на Меѓународната тениска федерација (ITF) во 1913 година. Заедно со својот 21-годишен син, Ричард Норис „Дик“ Вилијамс, успешен млад тенисер, патувале со Титаник назад кон САД.
Тие се качиле на бродот во Шербур, како патници од прва класа. Кога Титаник удрил во сантата, на почетокот никој не бил особено загрижен. Постои запис дека таткото и синот дури отишле во теретана, а подоцна се обиделе да влезат во бар, но биле одбиени од стјуардот поради „актуелната ситуација“.
Младиот Дик Вилијамс спасил еден затворен патник кршејќи врата, за што бил укорен и заплашен со казна. Сцената подоцна била инспирација за сцена во филмот „Титаник“ на Џејмс Камерон (1997).
Кога бродот почнал да тоне, двајцата скокнале во водата. Набргу потоа, Дик го изгубил својот татко – пред неговите очи, огромен оџак од бродот го смачкал таткото. Дик допливал до преклоплив чамец А, кој бил делумно потонат. Неколку часа бил во ледена вода, по што бил спасен со преминување во чамецот Д, кој бил преземен од спасувачкиот брод RMS Carpathia.
Од 30 луѓе во чамецот Д, преживеале само 11. Меѓу нив – и Дик Вилијамс. Кога бил качен на Карпатија, лекарите сакале да му ги ампутираат нозете поради промрзнатини. Тој одбил. Одлучил да не спие и секои два часа да станува и да шета, со цел да ја поврати циркулацијата. Со неверојатна истрајност – ги спасил нозете. Се опоравил целосно и истата година ја освоил титулата на US Open во мешани двојки.
Со Карл Бер – уште еден преживеан од Титаник кој патувал за да ја сретне својата љубов (подоцна му станала сопруга) – освоил и Дејвис куп. Подоцна освоил Вимблдон и уште два пати US Open во машки двојки.
На Олимписките игри во Париз, 1924 година, Вилијамс настапил во мешани двојки со Хејзел Хоџкис Вајтман, иако имал повреден зглоб. Секако, за човек кој преживеал Титаник, изгубил татко пред свои очи и одбил ампутација – тоа не било пречка.
На тие Игри – Ричард „Дик“ Вилијамс станал олимписки шампион.