Мухика, кој има 89 години, уште во јануари изјави дека ракот, дијагностициран во мај 2024 година, се проширил и дека неговото тело веќе не може да ги поднесе терапиите.
„Му овозможуваме сè што е потребно за да ги помине последните денови достоинствено“, рече Тополански во интервју за уругвајското радио „Саранди“.
Отсуството на Мухика беше забележливо за време на регионалните избори во неделата, кога левицата ја задржа власта во главниот град Монтевидео. Актуелниот претседател Јаманду Орси, инаку политички наследник на Мухика, апелираше до јавноста да ја почитува приватноста на поранешниот лидер.
„Во секоја фаза од животот, достоинството мора да биде приоритет. Тоа не треба да се нарушува. Треба да го оставиме на мир“, изјави Орси.
Хосе Мухика стана симбол на скромноста и социјалната правда ширум светот. Како претседател на Уругвај од 2010 до 2015 година, одби да живее во претседателската палата и продолжи да живее на својата мала фарма во близина на Монтевидео, возејќи стар „Фолксваген буба“.
Познат е по својот директен говор и искреност, како и по залагањето за прогресивни политики – легализација на канабисот (првпат во светот во 2013 година), легализирање на абортусот и истополовите бракови.
Поради тоа што донираше речиси целата своја претседателска плата за социјално домување, светската јавност го нарече „најсиромашниот претседател во светот“.
Човек со голема визија и уште поголемо срце, кој остана доследен на своите вредности – до самиот крај.