Студентите кои го блокираа Државниот универзитет во Нови Пазар, кратко по 4 часот утрово објавија дека полицијата, придружувана од насилници, упаднала во просториите на институцијата. Како што може да се види на снимката, врз студентите била употребена сила и тие биле исфрлени од факултетот.
Студентите напишаа на социјалните мрежи дека во текот на ноќта проректорот Рафет Алиќ упаднал во факултетот со непознати лица и ги избркал надвор.
„Рафет Алиќ, во име на администрацијата, која ние, како студенти на ДУНП, ја негираме, упадна во ДУНП, придружуван од насилници, и не ни дозволува да влеземе во зградата. Лажно се претставуваат како припадници на Министерството за внатрешни работи“, објавија студентите од Нови Пазар.
Студентите кои го блокираа Државниот универзитет во Нови Пазар ги повикаа граѓаните кои ги поддржуваат да се соберат пред зградата на факултетот откако беа насилно исфрлени од факултетот.
Утрово пред Универзитетот се собраа и родители на студентите кои побараа тепачите и наводните припадници на полицијата да излезат надвор „и да ги решат проблемите“.