Во рамките на Град Скопје како престолнина на културата 2028 година Културно информативниот центар – Скопје и Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски организираат Поетска вечер со добитниците на наградите на Манифестацијата „АНТЕВО ПЕРО“ на 27 ноември од 19:00 часот во Салон Империјал 2.
Убавината и оригиналноста на овој настан, e во тоа што на едно место овојпат ќе бидат собрани и ќе се претстават со извадоци од своето поетско писмо, досегашните добитници на наградите „Антево перо“, „Антев златник и „Антев часовник“.
Овие традиционални награди им беа доделени по конкурсите за необјавена збирка поезија на македонски јазик, реализирани во рамките на седумте досегашни изданија на „Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски-Антево перо“.
Вљубениците во поезијата ќе имаат ретка можност да слушнат квалитетни поетски сочиненија кои се одраз на новите модерни текови во македонската поезија, а се инспирирани од името и творештвото на нашиот поетски великан Анте Поповски.
Низ сценариото и програмата ќе водат професорките Татјана Алексиќ и м-р Митра Мими Спасова, кои ќе интерпретираат и одделни извадоци од творештвото на Анте Поповски и на други поети, а присутните посетители ќе имаат можност да проследат и видео материјали изворно со гласот на Анте Поповски.