Џастин Трудо, син на поранешниот канадски премиер и самиот се искачи на чело на владата пред десет години, во брилијантен политички подем без преседан. Меѓутоа, деценија обележана со афери, но и скандали кои „испливаа“ од младоста, ја стопија популарноста на лидерот на Либералната партија, кој вчера, соочен со извесен пораз на претстојните избори, се повлече од сите функции.
Џастин Трудо, кој поднесе оставка на местото премиер на Канада и претседател на Либералната партија, е роден 1971. година во Отава, како син на Пјер Трудо, кој беше премиер на Канада во четири мандати, пренесува ртс.рс.
Израснал под лупа на јавноста, следејќи ја политичката кариера на својот татко. По работата како наставник и новинар, Трудо влезе во политиката и 2008. година беше избран за пратеник во Долниот дом на канадскиот парламент, претставувајќи ја изборната единица Папино во Монреал.
Во 2013. година стана лидер на Либералната партија на Канада. Трудо победи на изборите за лидер на партијата во време кога партијата беше на историски ниско ниво. Либералите, кои беа без власт повеќе од седум години, паднаа на трето место во Долниот дом на канадскиот парламент за прв пат во 2011. година.
Пресвртницата се случи во октомври 2015. година, кога Трудовите либерали освоија мнозинство места на федералните избори, победувајќи ги конзервативците. Тоа беше прв пат кога партија која беше трета во Долниот дом победи на изборите.
Меѓутоа, скокот од трето на прво место не беше единствен преседан кој го обележи почетокот на власта на Трудо, бидејќи наскоро се соочи со случај на конфликт на интереси. Етичкиот комесар на Канада пресуди дека Трудо ги прекршил правилата прифаќајќи подароци од Ага Кан во 2016. година.
Тоа беше прв пат кога беше утврдена одговорност на премиер за таков прекршок.
Во февруари 2019. година, поранешната министерка за правда Џоди Вилсон-Рејболд обвини владини функционери дека вршеле притисок за да помогнат на една градежна компанија да избегне судење за корупција. Аферата доведе до оставка на Вилсон-Рејболд и претседателката на Трезорот Џејн Филпот.
Одлуката на две жени да си заминат од кабинетот нанесе политичка штета на премиерот, кој се претставуваше како феминист. Трудо ја презеде одговорноста за тој случај, но сепак одби да се извини.
Расистички испади во младоста
Брзо по започнувањето на изборната кампања во 2019. година, се појавија фотографии на Трудо од помладите години со блекфејс (боење на лицето во црно за да се исмеваат црнците). Трудо, силен застапник на мултикултурализмот, се извини и рече дека бил заслепен поради неговиот привилегиран живот. На изборите истата година либералите беа сведени на малцинство во Долниот дом, што ги принуди да склопуваат договори со опозициските партии.
Пандемијата и тензии околу средствата за обновување
Нови политички проблеми на премиерот донесе епидемијата на коронавирус, бидејќи во 2020. година министерот за финансии Бил Морно поднесе оставка поради несогласувања околу средствата потребни за обновување на Канада по пандемијата. Истовремено, Морно беше под удар на критики поради неговите врски со добротворната организација која беше избрана да спроведува програмата за студентски грантови.
Иако изборите во Канада се одржуваат на секои четири години, Трудо реши да ги одржи веќе во 2021. година, надевајќи се дека ќе ги наградат гласачите за начинот на кој се бореа против пандемијата. Обидот пропадна, а либералите повторно не освоија мнозинство потребно за самостојно формирање на влада.
Пад на популарноста на либералите, анкетите бележеле уште во 2023. година, кога во втората половина на годината, јазот неочекувано се прошири, што го направи се појасно дека на изборите во 2025. година веројатно ќе изгубат.
Уште следната година, партијата на Трудо ја изгуби една од најсигурните позиции на специјалните избори во Торонто, а Новите демократи, коалициски партнер кој му даваше поддршка во замена за зголемена социјална потрошувачка, најавија дека ќе ја повлечат својата поддршка, што го натера Трудо да се обиде да формира нова коалиција.
Трамп – капката што ја прелила чашата
Сериозна закана за канадската економија, која зависи од извозот, стигна во ноември од САД.
Новиот американски претседател Доналд Трамп порача дека веднаш по започнувањето на неговиот мандат ќе потпише извршна наредба со која ќе воведе царина од 25% на сите производи увезени во САД од Мексико и Канада. Во декември, премиерот остана без уште една соработничка, министерката за финансии Кристија Фриленд, која поднесе оставка по што Трудо ја замоли да преземе пониска функција.
Фриленд беше меѓу најлојалните соработници на премиерот во претходните десет години и водечки трговски преговарач на Канада за време на првиот мандат на Трамп. Според неговите зборови, се судрила со Трудо околу прашањето за потрошувачка и начинот на кој треба да се носат со можни царини од САД.
Конечно, Новите демократи најавија дека ќе поднесат предлог за гласање за недоверба на Владата на крајот на јануари, што наиде на поддршка и од опозицијата која порача дека не постои сценарио според кое Трудо политички би преживеал.