Почина славниот американски музичар Рој Ејерс – творецот на хитот „Everybody Loves the Sunshine“

Пионерот на џез-фанк музиката, Рој Ејерс, почина на 84-годишна возраст по долга и тешка болест.

„Со голема тага, семејството на легендарниот вибрафонист, композитор и продуцент Рој Ејерс соопштува дека тој почина на 4 март во Њујорк, по долга и тешка болест“, стои во објавата на неговата официјална веб-страница.

Ејерс е роден во Лос Анџелес на 10 септември 1940 година. Свое деби го имаше со албумот West Coast Vibes во 1963 година, по што следуваа бројни соло изданија.


Подоцна го формира бендот Roy Ayers Ubiquity и го разви својот препознатлив џез-фанк звук, благодарение на вибрафонот – инструментот што го совладал инспириран од џез-музичарот Лајонел Хемптон. Во 1976 година, Ејерс ја создаде својата најпозната песна, „Everybody Loves the Sunshine“, која ја сними за време на жежок летен ден во Њујорк, во студиото Electric Lady.

„Во глава ми се појави една фраза – Сите го сакаат сонцето. Почнав да пеам: Осеќам што осеќам, кога осеќам што осеќам… Потоа почнав да размислувам за летните слики. Беше толку спонтано, прекрасно“ – изјавил тој за Guardian.

Песната стана една од најсемплираните во историјата, користена од Мери Џеј Блајџ, Комон, Mos Def, па дури и Доктор Дре и Фарел Вилијамс.

„Оваа песна ми го промени животот. Се чини дека ја освојува секоја генерација. Сите го сакаат сонцето – освен Дракула!“ – се пошегувал Ејерс во едно интервју.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни