Цане Андреевски е роден на 10 јули 1930 година во Кратово. Основното образование го завршил во родниот град, а потоа се преселил во Скопје, каде што завршил Учителска школа и Филозофски факултет. Раната новинарска кариера ја започнал во списанија за деца и во весникот „Млад борец“, но најголемиот дел од својот професионален живот го поминал во „Радио Скопје“. Таму бил долгогодишен уредник на Културната редакција и заменик-директор, а бил активен и како член на редакцијата на списанието „Разгледи“.
Андреевски е член на Друштвото на писателите на Македонија од 1957 година. За своето книжевно и новинарско дело е добитник на повеќе значајни награди, меѓу кои „Кочо Рацин“, „РТВ Скопје“ на Струшките вечери на поезијата и „Книжевен жезол“ во 2016 година.
Во литературата ќе остане запаметен како „поетот на добрината“ – неговата поезија, полна светлина и човечност, инспирирала генерации читатели. Дел од најпознатите книги за деца се поетските збирки „Сончева порака“ (1951), „Што има ново“ (1959), „Планета со петел“ (1976), „Шинато уво“ (1989), како и прозните книги „Јаготки“ (1955), „Нашите први учители“ (1982), „Дарби“ (1990), „Белата мечка, синиот кит и другите“ (1998), „Малата голема точка“ (2005). Во 2020 година издавачката куќа „Арс Ламина“ повторно ја објави последната од нив.
Во поезијата за возрасни, особено се издвојуваат збирките „Добрина“ (1956), „Свечености“ (1964), „Сребрен поток“ (1969) и „Врски“ (1982). Во 2007 година, Андреевски се сврте и кон хаику-поезијата со збирката „Дождот“, со што стана еден од првите македонски поети што го негуваа овој јапонски поетски жанр.
Особено важен е и неговиот придонес во документарната книжевност, преку биографските разговори со Блаже Конески и Илија Милчин, со кои внесе драгоцени сведоштва за македонската културна историја.
Последна почит на Цане Андреевски ќе му биде оддадена в понеделник, на 7 јули, на градските гробишта Бутел во Скопје.