Смртта на пејачката ја потврди нејзиниот претставник за медиуми, но причината за смртта не беше наведена.
„Срцето ни е скршено што Роберта Флек почина утрово, на 24 февруари 2025 година. Таа почина мирно опкружена со своето семејство. Роберта ги урна границите и рекордите“, се вели во соопштението.
Родена во 1937 година во Северна Каролина, Флек пораснала во музичко семејство – нејзината мајка била оргулистка во црква, поради што Роберта била изложена на религиозна и класична музика уште од млада возраст. Почнала да свири пијано на деветгодишна возраст, а на 15 години била примена на Универзитетот Хауард со целосна стипендија, станувајќи една од најмладите студенти во историјата на универзитетот.
По дипломирањето, Флек планирала кариера како оперска пејачка, но набрзо почна да настапува во ноќните клубови во Вашингтон, каде комбинираше елементи на класична музика, блуз, фолк и поп. Во текот на 1968 година, нејзините настапи во ресторанот „Mr. Henry’s“ го привлекле вниманието на џез пијанистот и пејач Лес МекКен, кој ја препорачал на издавачката куќа „Атлантик рекордс“. До почетокот на 1969 година, Роберта Флек го сними својот деби албум „First Take“ за само десет часа студиска работа.
Својот прв голем успех го постигна во 1971 година кога нејзината преработка на песната „The First Time I Saw Your Face“ беше искористена во филмот на Клинт Иствуд „Play Misty for Me“. Песната помина шест недели на првото место на американските топ листи во 1972 година и ја освои наградата Греми за песна на годината во 1973 година.
Следната година, песната „Killing Me Softly With His Song“ и донесе второ последователно Греми во истата категорија.
Во текот на 1970-тите, Флек имаше успешна соработка со Дони Хатавеј, вклучувајќи ги хитовите „Where Is the Love“ и „The Closer I Get to You“. По неговата смрт, таа ја продолжи кариерата со дуети како „Tonight, I Celebrate My Love“ со Пиб Брајсон, кои стигнаа до второто место на британските топ листи во 1983 година.
Флек беше позната по нејзината способност да спојува различни музички жанрови и да соработува со различни уметници, вклучувајќи ги Мајкл Џексон и Мајлс Дејвис. Нејзината интерпретација на „Killing Me Softly with His Song“ послужи како инспирација за подоцнежната преработка на Fugees.
Во 2018 година, Флек имаше здравствени проблеми на сцената, а нејзиниот менаџер откри дека претходно доживеала мозочен удар. И покрај здравствените предизвици, таа продолжи да работи на музички проекти.