Почина Марк Сноу – авторот на музиката за „Досије Икс“ и „Милениум“

Американскиот композитор Марк Сноу, најпознат по легендарната музичка тема за серијата „Досије Икс“, почина на 78-годишна возраст во својот дом, објави „Њузвик“, повикувајќи се на „Варајети“.

Сноу беше 15 пати номиниран за телевизиската награда Еми, од кои шест номинации се однесуваа на неговата работа на повеќе од 200 епизоди од „Досије Икс“. Дополнително, беше номиниран и за музиката во телевизиски филмови и мини-серии, вклучувајќи ги: „Американска приказна“, „Деца од правот“, „Хелтер Скелтер“, „Најстарата жива вдовица на Конфедерацијата раскажува сè“ и „Постои нешто во врска со Амелија“.

Иако публиката најмногу ќе го памети по „Досије Икс“, Сноу има компонирано музика и за други познати серии како „Плава крв“, „Смолвил“, „Т.Џ. Хукер“, „Харт и Харт“ и „Шепот на духови“.

„Неговиот неограничен талент и креативност беа еднакви само со неговата дарежливост спрема помладите композитори“, изјави композиторот Шон Калери. „Марк знаеше да даде инспиративни и интелигентни совети на млади уметници, како мене, кога баравме мислење за нашата работа.“

Калери додаде дека со музиката за „Досије Икс“, Сноу вовел нов јазик на музичко раскажување во телевизијата.

Својата кариера ја започнал во 1970-тите години, компонирајќи за оркестри, но подоцна станал пионер во електронската музика, создавајќи ја речиси целата музика сам, во својот домашен студио.

Неговата музичка тема за „Досије Икс“ стана хит низ цела Европа. „Во таа тема нема ништо особено големо… Сè се случува во ре минор, нема ни пеење, ни тапани, ни гитари – и стана апсолутен хит. Тоа е навистина лудо“, изјавил Сноу во едно интервју.

Марк Сноу стана постојан соработник на Крис Картер, творецот на „Досије Икс“. Покрај двата долгометражни филма кои беа продолжение на серијата, Сноу компонираше музика и за другите серии на Картер: „Harsh Realm“ (во чие прво продолжение се појавува и Џилијан Андерсон – агентката Скали), „The Lone Gunmen“ (со ликови што првично се појавија во „Досије Икс“) и „Милениум“ со Ленс Хенриксен, која имаше и кросовер-епизода во „Досије Икс“.

Сериите се емитуваа и на телевизиите во Македонија.

По него остануваат сопругата Глинис, трите ќерки и внуците.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни