Легендарниот руски шахист Борис Василевич Спаски, 10-тиот светски шампион, почина на 89-годишна возраст.
Спаски е роден во 1937 година во денешен Санкт Петербург. Шахот го заиграл уште во најраните години, а на само 11 години освоил прва категорија, додека на 13 години станал кандидат-мајстор. Со 16 години веќе бил меѓународен мајстор.
На прагот на полнолетството, Спаски бил трет на првенството на Советскиот Сојуз, а на 24 години станал шампион на земјата, со што обезбедил место во олимписката репрезентација. Освојувал бројни турнири, а во 1972 година стигнал до историскиот меч за титулата светски шампион.
„Неговата елегантна игра, спортски дух и легендарните мечеви – особено Светското првенство во 1972 година – засекогаш ја обликуваа историјата на шахот. Почивај во мир, шампиону“, се наведува во соопштението на Европската шаховска унија.
Мечот против Роберт Боби Фишер во 1972 година, прогласен за „меч на векот“, остана запишан во историјата на шахот. Спаски имал можност да го напушти дуелот и да биде прогласен за светски шампион со резултат 2:0. Сепак, одлучил да остане џентлмен и продолжил да игра, а Фишер на крајот ја освоил титулата.
Реваншот меѓу Борис Спаски и Боби Фишер во 1992 година се смета за еден од најдинамичните шаховски дуели. Двајцата велемајстори повторно се соочија по 20 години, овој пат во Белград и на Свети Стефан во Црна Гора, во време кога против Југославија беа на сила санкции од Обединетите нации.
Фишер победи со 10:5, но со тоа ги прекрши меѓународните санкции, што предизвика големо внимание.
Во својата кариера, Спаски настапуваше за Советскиот Сојуз, Франција и Русија. Ќе остане запаметен како еден од најголемите шахисти на сите времиња и како светски шампион од 1969 до 1972 година, чиј придонес во шахот е непроценлив. Три пати се бореше за титулата светски првак – во 1966, 1969 и 1972 година.
Од Спаски се простија Меѓународната шаховска федерација, Европската шаховска унија и бројни спортски личности.