Почина бизнисменот и долгогодишен директор на Estée Lauder – неговото богатство се проценува на милијарди долари

Леонард Лаудер, бизнисменот кој го изгради козметичкиот гигант Estée Lauder, почина на 92-годишна возраст. Тој ѝ се приклучи на семејната компанија во 1958 година и беше извршен директор цели 17 години. Во тој период, компанијата ги откупи познатите брендови Clinique, Bobbi Brown и MAC, и прерасна во еден од најголемите производители на козметика во светот, пренесува BBC.

„Тој беше икона и пионер кој уживаше глобално почитување. Неговата енергија и визија помогнаа да се обликува нашата компанија, и тоа ќе го прават и за генерациите што доаѓаат,“ изјави Стефан де ла Фавери, актуелниот извршен директор на Estée Lauder.

Лаудер е роден во Њујорк во 1933 година, како најстар син на Ести и Џозеф Лаудер. Пред да влезе во семејниот бизнис, служел како поручник во американската морнарица. Кога се приклучил на компанијата, нејзината годишна продажба изнесувала помалку од еден милион долари – денес тоа би било еквивалент на околу 11 милиони долари. Денес, Estée Lauder работи во над 150 земји и лани оствари продажба од 15,6 милијарди долари.

Лаудер го водеше проширувањето на компанијата во Европа и Азија и ја основа првата сопствена лабораторија за истражување и развој. Освен што беше исклучително успешен бизнисмен, тој беше и голем љубител на уметноста. Во 2013 година ја донираше својата приватна колекција на кубистичка уметност – проценета на една милијарда долари – на Метрополитен музејот во Њујорк.

Беше и голем поддржувач на истражувањата за рак, и служеше како почесен претседател на управниот одбор на Фондацијата за истражување на рак на дојка.

Според листата на Forbes за 2025 година, неговото богатство се проценува на 10,1 милијарди долари. Леонард Лаудер почина во саботата, опкружен со своето семејство, соопшти компанијата Estée Lauder.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни