Импозантната биста, дело на хрватскиот уметник Младен Микулин, беше поставена на гробот на Морисон во 1981 година, по повод десетгодишнината од неговата смрт. Таа беше украдена во 1988 година од гробиштата Пер Лашез, кое е и место на поклонение за многу фанови на Морисон и The Doors.
Скулптурата е пронајдена од страна на финансиската и антикорупциска единица на француската полиција, при претрес поврзан со случај што го водела канцеларијата на јавниот обвинител во Париз.
Џим Морисон починал во јули 1971 година, на 27-годишна возраст. Според официјалната верзија, причина за смртта е срцев удар додека се капел. Но, околностите околу неговата смрт и денес се обвиени со мистерија. Францускиот новинар Сем Берне во својата книга од 2007 година тврди дека Морисон всушност починал од предозирање со хероин во тоалет на ноќен клуб, а дека блиските ја сокриле вистината за да го заштитат неговиот имиџ.
Во 1991 година, на 20-годишнината од смртта на Морисон, на гробот избија нереди, по што управата на гробиштата ангажираше постојано обезбедување.
Групата The Doors, основана во Лос Анџелес, се смета за една од највлијателните рок-групи од крајот на 1960-тите и почетокот на 1970-тите години.