Како што соопшти македонското Министерство за внатрешни работи, грчката полиција денеска (26 мај 2025) официјално информирала дека Боцевски е лишен од слобода.
„Од страна на грчката полиција сме известени дека го лишиле од слобода Ацо Боцевски, кој беше баран со меѓународна потерница по наредба на Основен суд Скопје I од 30.06.1998 година, за издржување казна затвор во траење од 15 години, по член 123 (убиство) од Кривичниот законик“, велат од МВР.
Убиството за кое беше осуден се случи во ноември 1997 година, среде ден и во центарот на Скопје. По кратка автомобилска потера низ улиците на градот, жртвата Сеат Ибраими со својот „мерцедес“ излетал кај зградата на осигурителната компанија „Кјуби“. Боцевски, управувајќи „корвета“, го следел, го стигнал, излегол од возилото и му испразнил цел шаржер од пиштолот.
Иако беше правосилно осуден на 15 години затвор, Боцевски избегал откако му бил дозволен куќен притвор. Оттогаш, траеше потрагата по него, при што неговото име фигурираше на листата со најдолготрајни меѓународни потерници на МВР.
Со апсењето во Грција, се очекува постапка за екстрадиција, по што Боцевски ќе биде вратен во Македонија за да ја доиздржи казната.
Извор: Мета.мк