Петто издание на интернационалниот музички камп „Етно Македонија“

Музичка младина на Македонија по петти пат го организира интернационалниот камп за млади музичари „Етно Македонија“, кој оваа година се одржува од 16 до 26 јули во Битола, со учество на млади музичари од Македонија, Србија, Данска, Финска, Хрватска, Унгарија, Перу, Шведска и Шпанија.

Уникатноста на „Етно Македонија“ лежи во неговиот пристап – учесниците се запознаваат за првпат на почетокот на кампот и во текот на десет дена заеднички учат и споделуваат музика од своите култури. Работата се одвива преку интензивни дневни работилници, каде музиката се учи исклучиво по слух, без ноти, со акцент на слушање, разбирање и меѓусебна поддршка. Кампот кулминира со завршен концерт на кој учесниците ја изведуваат заеднички создадената интернационална програма.

– Секоја година е вистинско задоволство да се организира „Етно Македонија“. Овој камп покажува колку музиката може да биде моќна алатка за поврзување на луѓето, без разлика на потекло, јазик или искуство. „Етно Македонија“ не само што нуди простор за музичко истражување и интеркултурен дијалог, туку и ја претставува Битола како отворен град-домаќин, каде традицијата и младешката енергија создаваат магија –  истакнува Верица Ајтовска, координаторка на меѓународниот музичкикамп.

Ментори на овогодишното издание се Ангел Спироски (Македонија) и Андриана Такиќ (Србија), искусни музичари и педагози кои ги водат учесниците низ процесот на музичка соработка и креативно истражување.

Завршниот концерт ќе се одржи на 25 јули на платото пред Офицерски дом во Битола, со почеток во 21 часот, како дел од програмата на фестивалот „Илинденски денови“. Настанот е отворен за јавноста и претставува можност публиката да доживее уникатна фузија на традиции, звуци и култури од четири континенти.   

„Етно“ е глобална програма на Меѓународната музичка младина (Jeunesses Musicales International – JMI), посветена на народната, традиционалната и светската музика, со фокус на младите музичари на возраст од 18 до 30 години. Програмата се реализира во 45 земји ширум светот, со цел да го зачува и пренесе глобалното музичко наследство преку креативна размена и заедничко музицирање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни