Тајланд и Камбоџа со децении се обвинуваат меѓусебно за демаркацијата на границата, која е дефинирана уште во времето на Француска Индокина. Сегашните судири се најжестоки од 2011 година.
Размената на артилериски оган и воздушни напади од четвртокот досега резултираа со најмалку 35 загинати и околу 200.000 раселени лица.
Бангкок и Пном Пен се согласија за првпат да се сретнат денеска во близина на Куала Лумпур, под внимателно набљудување на САД и Кина. Сепак, само неколку часа пред состанокот, борбите продолжија во близина на спорните храмови долж границата.
Двете земји се обвинуваат меѓусебно за започнување на непријателствата, иако секоја страна изразува желба за обновување на мирот. Сепак, до сега не успеале да ги поткрепат своите зборови со конкретни дела, и покрај апелите на нивните главни меѓународни партнери.
„Не веруваме дека Камбоџа дејствува со добра волја, имајќи ги предвид нивните акции во процесот на решавање на кризата. Мораат да покажат искрена намера“, изјави привремениот премиер на Тајланд, Пумтам Вечајачаи, на аеродромот во Бангкок.
Тој додаде дека се потребни билатерални разговори за да се постигне договор за прекин на борбите.
Камбоџанските власти утринава соопштија дека ривалските сили започнале нов напад во близина на спорните храмови на северозападот од земјата.
„Утрово во 3:10 по локално време, тајландските сили продолжија со нападите“, изјави портпаролката на камбоџанското Министерство за одбрана, Мали Сочеата.
Состанокот ќе биде коорганизиран од САД и Кина.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој во саботата имал телефонски разговори со лидерите на двете земји, ги повика Тајланд и Камбоџа што побрзо да постигнат договор за смирување на ситуацијата.