Оваа година, пеперугите од Националниот парк „Галичица“ се во фокусот на визуелниот идентитет на манифестацијата. Од повеќе од 200 видови пеперуги кои се среќаваат во Македонија, дури 166 видови живеат токму во Галичица, што го прави овој парк едно од најбогатите живеалишта на дневни пеперуги во регионот.
Постерот за овогодинешната Поетска ноќ е посветен на ова природно богатство, со порака за заштита и восхит кон кревката убавина на пеперугите. Автор на постерот е Андреј Павлов, кој преку својот дизајн ја истакнува врската меѓу поезијата и природата како вредности што треба да се негуваат и зачуваат.
Организаторите упатуваат повик до јавноста да се приклучи во напорите за заштита на биолошката разновидност и да продолжиме сите заедно да уживаме во магијата на Галичица и поетскиот дух на Велестово.