Филм „Павилјонот“ на режисерот Дино Мустафиќ, со македонска копродукција ја отвора 31-та едиција на Сараевскиот филмски фестивал (15–22 август) – еден од најзначајните филмски настани во регионот.
Овој филм е црна комедија за група жители на дом за стари лица, кои по години понижувања и злоупотреби, решаваат да подигнат вооружен бунт.
Филмот се одликува со исклучителна актерска екипа од целиот Балкан, меѓу кои се Раде Шербеџија, Зијах Соколовиќ, Миралем Зубчевиќ, Ксенија Пајиќ, Јасна Диклиќ, Мирјана Карановиќ, Ермин Браво, Албан Укај и Македонскиот актер Мето Јовановски.
Агенцијата за филм на Северна Македонија објави дека „Павилјонот“ е копродукција во која учествува и нашата земја, преку продукциската куќа Krug Film, заедно со партнери од Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија и Црна Гора.
,,Овој проект е уште една потврда за важноста на регионалната соработка и за активното учество на македонскиот филмски сектор на меѓународната сцена. Чест е што македонски филмски професионалци се дел од отворањето на 31-то издание на Сараевскиот фестивал, со филм кој преку хумор и храброст се осврнува на општествените прашања и личната совест”велат од Агенцијата за филм.