Хотелот со пет ѕвезди се наоѓа во строгиот центар на Париз, во близина на прочуената Опера Гарние. Купувањето го реализираше семејната фирма Pontegadea, која управува со неговите инвестиции и го потврди договорот, кој првично беше објавен од шпанскиот весник Expansión. Претходен сопственик на хотелот беше компанијата Derby Hotels.
Pontegadea управува со 59% од сопственичкиот удел на Ортега во Inditex SA, матичната компанија на Zara, и реинвестира приходи од дивиденди, главно во недвижности, но и во инфраструктура и енергетика.
Само оваа година, Ортега купи станбена зграда во Форт Лодердејл (САД) за околу 165 милиони евра и деловна зграда во Барселона за 250 милиони евра. Во 2024 година, Pontegadea исто така купи комерцијална зграда во Париз за приближно 200 милиони евра.
Она што ја прави оваа последна зделка посебно интересна е фактот што фирмата ретко инвестира во хотели, бидејќи нејзината стратегија е насочена кон елитни деловни и станбени недвижности во неколку клучни градови низ Западна Европа, САД и Канада.
Амaнсио Ортега годинава ќе добие над 3 милијарди евра дивиденда од Inditex, компанијата која ја основа пред повеќе од 50 години во северозападна Шпанија.
Според Bloomberg Billionaires Index, неговото лично богатство се проценува на околу 103 милијарди евра, со што е најбогат човек во Шпанија и втор најбогат во Европа.