„Наместо да се зачува автентичноста, Чаршијата се претвора во аренa за агресивна комерцијализација. Масивни доградби, кафулиња и ресторани ја окупираат секоја педа јавен простор. Пешаците и велосипедистите се туркаат низ тесни премини, а историските објекти исчезнуваат еден по еден,“ реагираат од Охрид СОС.
Најнов повод за загриженост е изградбата на огромен нов објект на крајот од чаршијата, кој, според активистите, драстично отстапува од околниот архитектонски амбиент. „Тоа не е само визуелно нарушување. Тоа е директен напад врз културното наследство и потсетник на минатогодишниот скандал кога беа исечени децениски дрвја и уништен јавен простор – без последици за никого“, велат тие.
Во соопштението се посочува дека институциите, кои треба да го бранат јавниот интерес, премолчено гледаат на уништувањето. „Нема реакција од Заводот за заштита на споменици и Музеј – Охрид, нема став од стручната фела. Владата и Министерството за култура мора итно да дејствуваат, додека уште има што да се спаси,“ стои во повикот до надлежните, вклучувајќи ја и УНЕСКО.
Охрид СОС апелира и до граѓаните да не молчат: „Ако денес не застанеме во одбрана на идентитетот на градот, утре ќе биде доцна. Закони на хартија не значат ништо кога пред очи ни исчезнуваат духот, изгледот и меморијата на Охрид.“
Старата Чаршија, симбол на вековна традиција, денес се наоѓа пред најголемиот предизвик во своето постоење. Граѓанските активисти предупредуваат: без храбри и итни мерки, Охрид ризикува да го изгуби највредното што го има – својот лик и душа.