Не постои ниту еден во Македонија што не го знае Елиф Елмас, моментално нашиот најпознат фудбалер кој со непресушна љубов, дисциплина, мотивираност и пасија кон фудбалската игра на поприлично рана возраст, стигна до светскиот фудбал.
Но, патот дефинитивно не беше така лесен и наивен, па затоа решивме, после натпреварот со Латвија, да му поставиме неколку прашања на Елмас за неговите патешествија, ритуали и омилени активности во животот.
1. Како изгледа еден ден на Елиф?
- Се будам накај 8:30 часот, на брзина се подготвувам и тргнувам накај тренинг комплексот на RB Leipzig. До 09-09:30 часот треба да сум пристигнат, затоа што веднаш следува тимски доручек во кантината на клубот. После доручекот, сите одиме на тренингот кој закажан за во 11 часот.
- После завршувањето на тренинг обврските, следува масажна терапија и (по потреба) сауна за регенерација на мускулите и телото. После овие активности, се враќам дома и остатокот од денот го поминувам таму.
- Секој ден ми изгледа вака, без големи промени и осцилации во распоредот. Малку досадно, но ова е реалниот живот на скоро па секој професионален фудбалер.
2. Како е животот во Лајпциг, како се адаптираше на промените?
- Убав мал град, кој многу брзо и лесно се учи, но е поприлично ладен со екстремно ниски температури. Искрено, според мене, Лајпциг е совршен град за живот на една фамилија, а бидејќи моментално сам сум во овој град, понекогаш знае да ми биде досадно, ама ништо страшно, се преживува 🙂
3. Кое е твоето омилено благо во Мандарина и зошто?
- Уххх, добро прашање, затоа што не е едно, повеќе се. Најчестиот избор ми се трилече, еклер и тулумба, но листата на желби не застанува тука!
4. Мојот ритуал пред натпревар е _______?
- Секогаш се молам на Господ да биде сѐ како што треба, да немам повреди и она што ми било пишано да се исполни, ништо повеќе од тоа. Покрај овој ритуал, секогаш слушам музика и скролам по социјалните мрежи, гледам видеа кои ќе ме отргнат од грижата и мислите за престојниот натпревар.
5. Кои се твоите омилени активности кога не играш фудбал?
- Ги имам повеќе, како на пример прошетки во природа, качување по планини, играње тенис, одење на вечера или домашни собиранки со пријателите и уште многу други. Изборот на активноста зависи од расположението и луѓето со кои сум опкружен во тој даден момент.
6. Кој ти е омилен дел од денот и зошто?
- Дефинитивно омилен дел од денот ми е кога ќе си дојдам дома и ќе видам како мајка ми ме пречекува со топол и неверојатно вкусен оброк. Храната и јадењата на мајка ми се најубавите и најдобрите јадења на цел свет. Одговорно тврдам, кај треба ќе потпишам!
7. Која беше твојата прва реакција кога прочита дел од одговорите на прашањето од квизот: “Зошто сакаш да го запознаеш Елиф?”? Дали ќе биде тежок крајниот избор?
- Искрено, се изненадив и не очекував дека ќе прочитам толку многу интересни и креативни одговори, така што дефинитивно конечниот избор и одлуката за победничкиот одговор ќе биде тешка задача.
8. Порака до сите фанови и оние кои го читаат ова интервју?
- Пред сѐ, сакам на сите читатели/фанови да им посакам здравје, среќа, љубов и да продолжат, како до сега, безрезервно да ги подржуваат и почитуваат сите наши професионални спортисти кои секогаш се трудат да дадат 100% кога се работи за Македонија. Според мене, професионалните спортисти се најдобрите амбасадори на една држава.
Како за крај, Елиф Елмас од просториите на Мандарина ги повикува сите читатели и фанови на фудбалот да го одиграат квизот и да влезат во игра за едно интересно и несекојдневно RB Leipzig искуство во Лајпциг, секако во придружба на Елиф!
Квизот и сите информации за истиот можеш да ги најдеш на официјалната страна на Red Bull.