Search

Од тајкуни до номади – Burning Man – фестивалот кој ги обединува сите

Burning Man 2023 преку фотографиите на Лидија Вукадиновска
Фото: Лидија Вукадиновска

Лидија Вукадиновска ни ги раскажа своите искуства од Burning Man, фестивалот кој се одржува во Блек рок сити, привремен град во пустината во Невада, 160 километри североисточно од Рено. Настанот се води од десет принципи: радикално вклучување, подарување, декомодификација, радикална самодоверба, радикално самоизразување, заеднички напор, граѓанска одговорност, не оставање трага, учество и непосредност.

Името Burning Man (Човек што гори) го добива по церемонијата за одбележување на крајот на секој фестивал, симболично палење на фигура на човек изработена од дрво, што се случува на претпоследната вечер од фестивалот кој трае цела недела.

Според ко-основачот на Burning Man, Лари Харви во 2004 година, настанот се води од десет принципи: радикално вклучување, подарување, декомодификација, радикална самодоверба, радикално самоизразување, заеднички напор, граѓанска одговорност, не оставајќи трага, учество, и непосредност.

Како е да се биде учесник на Burning Man?

Фото: Лидија Вукадиновска

Помеѓу учесниците на Burning Man изминативе две години е и Македонката Лидија Вукадиновска, HR професионалец во банкарската, интернационална финансиска и ИТ индустрија. Таа за ТРН го раскажа нејзиното искуство од овој фестивал.

„15 години детално го следев Burning man преку медиуми, но работните обврски ме спречуваа да користам годишен одмор. Така, лани имав чувство како да сум дома, а годинава бев втор пат Burner. Она што е фасцинантно за Burning man е мулти-културолошкиот сплет на хипици, ИТ експерти од Силиконската Долина, славни личности и обични луѓе од цел свет, кои заедно прават уметност на Cirque du Soleil во околности на Mad Max. Burning Man e доказ дека непостоењето на концептот на пари и на интернет предизвикува кај луѓето еден тип на инстант лоботомија, ресетирање кон основните вредности на себе-одржливост, безусловна помош и подршка на секој поединец“ раскажува Лидија.

Таа раскажува дека Black Rock City за време на Burning Man станува вистинск иград со улици, плоштад и дрвен човек во центарот, додека камповите кои учесниците ги издигнуваат нудат се – од масажи и спа, преку рингишпили, храна до курсеви за плетење.

Фото: Лидија Вукадиновска

„Самата филозофија на Burning Man може многу да не’ научи за градењето на подобро, несебично, грижливо општество“ вели Лидија.

Како од Скопје до пустината во Невада?

„Покрај авионската карта, изнајмувањето на комбе, викенд приколка, шатор, возило за да стигнеш до Black Rock City, тука се и трошоците за карта за учество на Burning Man (575 долари), како и храна, вода, пијалоци, облека и костими (од бикини до зимска јакна). За среќа, бев дел од камп на ‘стари Burners’ кои имаат повеќе од 20 години искуство на градење и одржување на камп. Така имавме инженерско уникатна конструкција на бар и дневна соба кои гo издржaa нaјсилното невреме, опремена кујна, како и полу-зготвени кетеринг оброци и пренослив тоалет“ раскажува Лидија за ТРН.

Фото: Лидија Вукадиновска

Таа објасни дека секој „жител“ на кампот си има свои обврски кои треба солидарно да ги извршува и кажа дека не е воопшто чудно доколку се видат некои од најголемите Диџеи во светот како Карл Кокс или Хернан Катанео да мијат садови или средуваат во кампот.

„Burning Man е место на радикална инклузија на секој поединец, креирање на нови пријателства, општествена одговорност, безусловно подарување, соработка, лична партиципација во активности кои го отораат срцето. Како што вели принципот на непосредност – настојуваме да ги надминеме бариерите што стојат меѓу нас и препознавањето на нашето внатрешно јас, реалноста на оние околу нас, учеството во општеството и контактот со природниот свет кој ги надминува човечките моќи“ вели Лидија.

Постојана забава, непосредност и уметност

Фото: Лидија Вукадиновска

На Burning Man забавите никогаш не завршуваат. Одредени артисти на различни места низ градот настапуваат во текот на целите 24 часа, а кругот на луѓе со кои во моментот се дружиш и движиш те води низ слободниот свет во пустината.

„Black Rock City никогаш не спие. Буквално! Едни забави почнуваат во 10 наутро, други завршуваат во 9 наутро. Многу кампови нудат тематски забави, работилници и слично, бројни возила-уметнички инсталации (art cars) се бини за ди-џеи и бендови. Иако музиката е претежно електронска, секако не е ограничена на само на тоа. Минатата година на пример, соседот од Шкотска секој ден не будеше со музика на гајда“ вели Лидија.

Фото: Лидија Вукадиновска

Доминатно средство за движење низ овој привремен град во пустина е велосипедот, а велосипедите на Burning Man се сериозно осветлени. Како што раскажува Лидија, откако ќе тргнеш со велосипедот низ Black Rock City, не знаеш каде ќе завршиш и кога ќе се вратиш во својот камп.

Сепак, тоа што го одбележува Black Rock City се возилата-уметнички инсталации на кои дури и најпознатите светски ди-џеи прават забави, а најхрабрите се качуваат на нив и се движат низ пустината.

Сите се еднакви и ги споделуваат своите исксутва, култури, ставови

„На сите барови, па и на нашиот, секој ден во секое време, претежно на англиски јазик, луѓе од целиот свет преку непосредна комуникација и чашка пијалок разменуваа муабети за меѓусебните култури, искуства, стил на живот. Така, Словенските народи знаат за Тито, дури и Кубанците. Американците се претставуваат со малиот град од каде што доаѓаат, а не знаат дека постои Македонија, но без исклучок реагираат воодушевено со ‘Wow’. Се случува и после цел саат муабет да го препознаеш гостинот дека е позната личност дури од кога ќе си замине и ќе те покани вечер на Robot Heart“ вели Лидија за ТРН.

Фото: Лидија Вукадиновска

Помеѓу учесниците на Burning Man има луѓе од сите провиненции, од професори по нуклеарна физика, до шмизли, хаус мајстори и лекари, а оваа година бил организиран и македонски ден.

„Во средата организиравме македонски ден, наведен и во официјалната Burging Man програма, From Macedonia with love, каде се служи Wiener in a bottle, Chef’s special и секако омилениот кај сите – македонски домашен ајвар. Официјално и спонтано си ја заслуживме титулата најпријателски бар“ раскажа Лидија.

Од пустински песок до кал

Со оглед на тоа што Burning Man се одржува во пустина, таму редовно преовладува пустинска клима придружена со многу песок. Токму затоа и не е невообичаено што едно мото на Burning Man е и „I have dust in curious places“ (Имам прашина на занимливи места).

Фото: Лидија Вукадиновска

„Пустината е сурова средина. За да си спремен 90% за нејзиниот предизвик, треба да донесеш 200% од предвидените залихи. А за 95% подготвеност -треба да донесеш 300% залихи. Ако минатата, исклучително топла и прашлива година, есенцијален беше тушот, овој пат тоа беше полски тоалет“ рече Лидија.

Оваа година, наместо стандардната пустинска клима и многу песок и прашина, Black Rock City беше погоден од невреме проследено со дожд, поради што целата површина стана кал. Медиумите известуваа дека поради калта, посетителите на Burning Man биле заробени и настанал вистински хаос, но сепак ситуацијата таму била сосема поинаква.

„За дождот се стравуваше, меѓутоа никој не се надеваше на толкав размер кој ја претвори пустината во глинена кал, која колку повеќе ја разгазуваш – толку подолго останува влажна и нерамна. И во тие моменти вистинските Burners покажаа почит на 10-те принципи! Генерално сведок бев на позитивна енергија, меѓусебна помош и подршка. Луѓето воопшто не беа очајни или негативни, како што пренесуваа медиумите. Напротив, се забавуваа дури и во калта“ раскажува Лидија.

Таа додаде дека забавите продолжиле со посебен вид на енергија и емоции, но сепак ограничен бил радиусот на движење поради калта, па се посетувале само соседните кампови.

Најново

Последни колумни