Од глаголица до кирилица: Наследството на словенските просветители

Заштитници на Европа е и најсоодветниот епитет којшто одговара на големината на делото на солунските браќа – тие се преголеми за да бидат дел од сеќавањето и сопственост на само еден народ

На 24 мај се одбележува Денот на словенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј, кои оставиле неизбришлива трага во историјата на словенските народи. Нивното дело не само што ја поставило основата на словенската писменост, туку и значително придонело за културниот и духовниот развој на народите што го користат словенскиот јазик.

Историското значење на Кирил и Методиј

Кирил и Методиј, солунските браќа, се едни од најучените теолози и мисионери  на Византиската Империја. Во време кога основната писменост била најретката од ретките вештини, браќата од Солун биле лингвисти. Родени во Солун, биле византиски научници и мисионери кои ја создале глаголицата, првата словенска азбука. Нивната Моравска мисија започнала во 863 година, кога биле испратени од византискиот цар Михаил III да го шират христијанството меѓу словенските народи на нивниот мајчин јазик. Со преводот на светите книги на старословенски јазик, тие овозможиле ширење на писменоста и културата меѓу словенските народи.

По смртта на Кирил во Рим во 869 година, Методиј продолжил со мисионерската работа, но се соочил со отпор од германските свештеници. По неговата смрт во 885 година, неговите ученици, меѓу кои Св. Климент и Св. Наум, го продолжиле нивното дело, особено во Охрид, каде што ја развиле кирилицата – азбука што денес ја користат многу словенски народи.

Просветлувањето на словенските народи е подвиг што тешко може да се спореди со кој било друг просветителски чин во историјата на човештвото. Затоа сите словенски народи и денес ги слават солунските браќа, а во црковните обраќања ги именуваат како еднакви на апостолите на Исус Христос.

Директен производ на работата на Кирил и Методиј се секако и нивните ученици и наследници: Климент Охридски, Наум Охридски, Горазд, Сава Охридски и Ангелариј. Кои по смртта на солунјаните, доаѓаат во Охрид и во Плиска и таму основаат литературни школи, кои описменуваат и образуваат стотици свештеници кои потоа ја шират словенската писменост. Во овие школи се појавува и кирилицата – азбука со која денес се служат стотици милиони луѓе низ светот.

Сосема логично е и што многу универзитети, факултети и училишта од сите рангови го носат нивното име. Нивното место е токму таму, во просветната, просветителска дејност.

Кирил и Методиј се прогласени за светци и во католичката и во православната христијанска црква, а ги слави дури и англиканската црква. Нивното дело е екуменско и наднационално и се славени како сесловенски светители. Колку се почитувани и славени од сите Словени, зборува фактот дека првиот римски папа со словенско потекло Јован Павле Втори, во апостолското полсание Egregiae virtutis од 31 декември 1980 година, ги прогласува Кирил и Методиј за Заштитници на Европа. Веројатно, заштитници на Европа е и најсоодветниот епитет којшто одговара на големината на делото на солунските браќа – тие се преголеми за да бидат дел од сеќавањето и сопственост на само еден народ.

Одбележување на 24 Мај

Денот на словенските просветители се празнува во многу словенски земји, вклучувајќи ја Македонија, Бугарија, Србија и Русија. Во Македонија, празникот е државен и неработен ден, а се одбележува со културни манифестации, концерти и свечености. Во Охрид, градот-лулка на словенската писменост, традиционално се одржуваат свечености во чест на Светите браќа.

Во Рим, македонска државна и црковна делегација секоја година го посетува гробот на Св. Кирил во црквата „Св. Климент“, каде што се одржуваат молитви и културни настани. Овој празник е значаен симбол на словенската културна и духовна историја, потсетувајќи нè на важноста на писменоста и образованието.

Делото на Кирил и Методиј останува темел на словенската култура, а нивниот придонес во јазикот и писменоста е основа за идните генерации. Овој ден е потсетник за нивната мисија и за значењето на јазикот како носител на идентитетот и културното наследство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни