Од филмски шпион до вистински емотивен уметник

Пирс Броснан ја забавува публиката веќе четири децении. Го знаете како Џејмс Бонд. Го знаете од Мама Миа и од г-ѓа Даутфаер. Но, можеби не знаете дека познатиот ирски актер е многу талентиран и плоден сликар. Тој има произведено околу 300 уметнички дела, а сега, тој ја споделува својата работа со јавноста организирајќи ја својата прва самостојна уметничка изложба насловена „Толку многу соништа“.

Пирс Броснан многупати се обидел да напише книга за себе, но уметникот во него во еден момент почувствувал  дека може целосно да се изрази преку сликарството.

„Уметничкото дело е биографско. Се обидов да ги напишам мемоарите и ми беше многу досадно. Треба само да се копа во главата и срцето и сеќавањето на животот. И така настанаа овие слики кои дефинитивно имаат историја за тоа кој бев, каде бев, кога бев“, пренесе актерот збрувајќи за животот и насликаните емоции.

Неговата прва самостојна уметничка изложба – која се одржа во Лос Анџелес е збирка на слики и цртежи што актерот ги создал од 1980-тите наваму.

Сликањето не е ново пандемично хоби или потфат со кој актерот почнал да се занимава. Иако е најпознат по глумењето Џејмс Бонд и глумењето во други класици, Броснан почнал да се занимава со визуелни уметности како младо момче кое живеело во Ирска.

Но, дури во 1987 година, кога на покојната сопруга на Броснан, австралиската актерка Касандра Харис, и беше дијагностициран рак на јајниците, Броснан ќе почне да ја користи уметничката форма како емоционално ослободување и утеха за него и за Харис.

„Една ноќ станав и само почнав да сликам. Почнав да сликам со прстите“, ги откри Броснан своите почетоци како уметник, сеќавајќи се како сликал додека Харис се опоравувала од третманите со хемотерапија. Таа почина во 1991 година, но актерот го задржа првото дело насловено „Една темна ноќ“ кое беше дел од изложбата.

Првата самостојна изложба на Броснан се реализирала благодарение на неговата сегашна жена Кили и тоа совршено темпирана околу 70-тиот роденден на актерот. „Тоа е мој роденденски подарок за себе за да имам храброст да кажам, дојдете да ги видите моите уметнички дела. Сè уште имам многу соништа. Се исполнив со доаѓањето во Америка. Создавањето кариера за себе беше голем сон и коцкање и се исплатеше. „Толку многу соништа“ е љубовна приказна. Тоа е љубовна приказна на жени кои влијаеле на мојот живот и на моите деца и на уметничката форма што ја создавам како актер“- се обрати Броснан како да е во полет на младоста.

Изложбата му помогна на Броснан да ја види севкупноста на неговата работа и тој вели дека сега може „да се извлечам од плевелот и да се обидам да го дефинирам и да се трудам да расте како уметник, како сликар“.

Броснан во иднина сака да се разграни во други уметнички форми, керамика, скулптура, па дури и резби во дрво.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни