Обвиненијата против браќата Тејт одобрени и во Велика Британија

Британско-американскиот инфлуенсер Ендрју Тејт и неговиот брат Тристан се соочуваат со нови сериозни обвиненија во Велика Британија. Британското кралско обвинителство денеска соопшти дека одобрило вкупно 21 кривична пријава против браќата Тејт – 11 против Ендрју и 10 против Тристан.

Обвиненијата вклучуваат силување, нанесување телесни повреди, трговија со луѓе и контрола на проституција со цел профит, и се однесуваат на сведоштва на четворица подносители на жалби. Ендрју е обвинет по сведоштвото на една жртва, а Тристан по сведоштвата на тројца.

Обвинителството истакна дека румунските судови минатата година донеле одлука за нивна екстрадиција во Велика Британија, но домашните судски процеси во Романија мора прво да бидат завршени.

Браќата Тејт веќе се обвинети во Романија за сериозни кривични дела, меѓу кои трговија со луѓе и злоупотреба на малолетници. Покрај тоа, и во САД е отворена истрага против нив – жена ги обвини дека ја принудувале на сексуален труд и ја клеветеле по нејзиното сведочење пред романските власти.

Ендрју Тејт, поранешен кик-боксер и познат инфлуенсер со милиони следбеници, е познат и по своите мизогини ставови и настапот во британското реално шоу „Големиот брат“.

Браќата Тејт ги негираат сите обвинувања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни