Светот на екстремните спортови е во шок откако беше потврдено дека австрискиот падобраец и авантурист Феликс Баумгартнер (56) трагично загина пред една недела при пад на моторизиран параглајдер во Италија.
Несреќата се случила во местото Порто Сант’Елпидио, на брегот на Јадранското Море. Феликс полетал само неколку минути пред да се сруши во близина на базен каде што се подготвувал за летот.
Првичните сомнежи укажуваа на можен срцев удар, но обдукцијата потврди дека смртта била предизвикана од фрактура на вратот и тешки повреди на рбетниот мозок.
Италијанското обвинителство спроведува истрага за последните минути од летот. Се анализира камерата што била поставена на леталото – наводно не била добро прицврстена, се приближила до елисата и предизвикала уривање на едното крило. Иако Баумгартнер се обидел да го активира резервниот падобран, висината веќе не била доволна за спасување.
Очевидци од земјата сведочат дека леталото паѓало во спирала, со свиткано крило што не можело да се контролира. Се случило премногу брзо за било каква реакција.
Ковчегот со телото на Баумгартнер веќе е испратен кон Салцбург, каде што ќе биде погребан. Деталите за погребот сè уште не се објавени.
Неговата долгогодишна партнерка, романската новинарка Михаела Радулеску Шварценберг, која била со него во Италија, се заблагодари на италијанските власти за брзата соработка и транспарентност.
Баумгартнер останува запаметен како човек кој ги поместуваше границите на човечките можности, од легендарниот скок од стратосферата, до секојдневните адреналински предизвици кои ги живееше со полно срце.