Граѓаните на Нови Сад се собраа недалеку од Железничката станица, каде пред токму четири месеци, на 1 ноември минатата година, при падот на натстрешницата животот го загубија 15 луѓе. Токму таа трагедија беше и причина за масовни демонстрации и студентски блокади низ цела Србија.
Според зборовите на новинарката на N1, Ксенија Павков, во Нови Сад моментално има сосема поинаква атмосфера отколку во Ниш.
„Молк и тишина владее пред Железничката станица во Нови Сад. Тука наскоро ќе биде положено цвеќе и ќе бидат запалени свеќи, а потоа ќе биде оддадена и 15-минутна почит за жртвите, тука на местото каде што е тоа најболно. Четири месеци поминаа од тој ден, од најголемата несреќа што го зафати овој град. Први ноември беше и среќен сончев ден, јас добро го паметам, бидејќи да паднеше дожд, под натстрешницата ќе имаше уште повеќе луѓе. Беше тоа и ден за штрајк на просветните работници, повторно за среќа, бидејќи да не беше тоа – под натстрешницата ќе имаше и ученици кои чекаат на меѓуградски автобуси,“ изјави таа.
Токму во 11:52 часот, повеќе стотици тони бетон се урнаа врз 17 луѓе. Четиринаесет од нив загинаа на лице место. Уште една жртва почина на 17 ноември. Други двајца млади луѓе, Теодора и Вукашин, се на лекување со такви повреди што нивниот живот веќе никогаш нема да биде исти.