Новиот премиер на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, изјави во Копенхаген дека огромниот арктички остров никогаш нема да биде “недвижност за продажба”, оценувајќи дека изјавите од САД за присоединување на таа данска автономна територија претставуваат знак на непочитување.
Тензии меѓу Вашингтон и Копенхаген се зголемија откако американскиот претседател Доналд Трамп неколку пати изјави дека САД сакаат да ја преземат контролата над Гренланд, наведувајќи безбедносни причини и одбивајќи да ја исклучат употребата на сила за заземање на тој остров.
„Никогаш, никогаш нема да бидеме недвижност што секој може да ја купи, и тоа е пораката која сметам дека е најважно да се разбере“, изјави Нилсен пред новинарите заедно со данската премиерка Мете Фредериксен.
Ова е неговата прва посета на Данска откако ја презеде функцијата на шеф на коалициската влада на Гренланд, по победата на неговата десничарска партија, Демократи, на парламентарните избори одржани во март.
„Сега се наоѓаме во ситуација каде мора да останеме обединети“, рече Нилсен и додаде дека „изјавите од САД не покажуваат почитување“.
„Потполно се согласувам“, рече на тоа данската премиерка.