Познатиот британски истражувач, Греам Хенкок, тврди дека пред Полинезијците, на Велигденскио остров постоела друга, многу понапредна цивилизација, за што говори во новата сезона на серијата на Netflix.
Новата теорија за тоа ‘кој ги изградил легендарните човечки фигури’ на Велигденскиот остров ја возбуди археолошката заедница, пишува Daily Mail.
Повеќето историчари тврдат дека камените структури изградени се од страна на Полинезијците пред околу 900 години. Меѓутоа, британски писател и истражувач, Хенок, тврди дека тие се стари повеќе од 11.000 години.
Велигденскиот остров е дом на околу 1000 големи камени глави, познати како Моаи, распрскани низ целиот остров.
Хенкок тврди дека островот бил населен, а статуите подигнати пред околу 12.000 години, со население кое било на островот и се сретнало со Полинезијците.
Неговата теорија се темели на студија која сугерира дека бананите биле присутни на Велигденскиот остров најмалку 3000 години. Тоа го користи за да докаже дека растенијата — и претходно постоечкото население — пристигнале пред 12.000 години, на крајот од последното ледено доба.
„Она што го сугерирам е дека Полинезијците на островот нашле веќе постоечко население, за што сведочат остатоците од бананите… присутни најмалку 3000 години,“ изјави Хенкок за DailyMail.com.
„И дека тие од тоа претходно постоечко население ги наследиле постарите традиции и песни кои ги гледаме и денес.“
Тврдењата се дел од Хенкоковата хипотеза за „Изгубената цивилизација од ледено доба“, која сугерира дека многу напредна древна цивилизација постоела пред крајот на последното ледено доба.
Оваа теорија доби внимание од милиони гледачи преку серијата на Netflix „Ancient Apocalypse“.
Меѓутоа, многу археолози го критикуваа Хенкок, тврдејќи дека нема доволно докази за да ги поддржи неговите тврдимења.
Д-р Дејл Ф. Симпсон Џр., археолог кој ги проучувал Моаи, ги негира тврдењата на Хенкок. Тој истакна дека слични камени статуи се наоѓаат и на многу други острови.
Статуите, се поставени слично на тие на Велигденскиот остров, со рацете склопени околу стомакот и прикажани со исти издолжени фигури — што сугерира потенцијална врска помеѓу нивните градители.
„Велигденскиот остров е едно од најневеројатните места на планетата Земја на кое сум бил. Тој е исполнет со мистерија“, рече д-р Симпсон. „Но понекогаш луѓето земаат мали делови од податоци и ги претвораат во големи интерпретации за да ги поддржат тврдењата кои не се целосно поткрепени.“
Велигденскиот остров е еден од најоддалечените острови на Земјата, на околу 2000 километри од најблискиот копнен дел, архипелагот Питкерн, и повеќе од 3500 километри од брегот на Чиле.