Македонскиот Национален комитет на ИКОМОС, информира дека во партнерство со МАРХ – Македонска архитектура, во периодот 2024–2025 година, го спроведе проектот „Мониторинг на македонското модернистичко наследство“.
Експертски тимови на МНК ИКОМОС и МАРХ извршиле мапирање, валоризација и анализа на состојбата на 106 објекти кои се дел од македонското модернистичко градителско наследство со висока културна и историска вредност низ целата земја.
„Проектот се фокусираше на најраниот период од развојот на македонската модернистичка архитектура од 1920 до 1945 год. Оваа временска рамка ги опфаќа првите модернистички архитектонски творби во Македонија и претставува важна основа за понатамошно истражување и разбирање на архитектонските текови во XX век. Теренските активности беа водени според посебно креирана методологија. Истите вклучуваа собирање податоци преку пополнување работни обрасци со основни податоци за градбите, опис на оргиналната и тековната состојба, вредностите, нивото на зачуваност на автентичноста и интегритетот, како и препораки за идни мерки, придружени со фотографии и GPS координати од градбите. Сите податоци се систематизирани и документирани во дигитална база на податоци (на македонски и англиски јазик), која сега е достапна за јавноста на официјалниот веб-сајт: https://mmmn.icomos.org.mk/“ велат од ИКОМОС.
Проектот е реализиран со финансиска поддршка од Фондацијата ALIPH, како придружен партнер на European Heritage Hub – пилот проект предводен од Europa Nostra и кофинансиран од Европската Унија. Оваа иницијатива е дел од поширока програма за заштита и дигитализација на културното наследство во регионот.
Дигиталната база ќе овозможи препознавање, истражување за поефикасна конзервација и јавно информирање за македонското модернистичко наследство, како и подигнување на свеста за неговото значење.