Нестле под истрага во Франција поради сомнежи за филтрирање на минерална вода

Француските регулаторни органи извршија рација во седиштето на прехранбениот гигант Нестле, поради сомневања дека компанијата користела нелегални методи на филтрирање на вода, кои не ги исполнуваат стандардите за природна минерална вода.
Paris - France

Истражната акција следеше по приговорите од невладината организација за безбедност на храната Фудвоч, која уште од февруари алармираше за можни прекршувања од страна на Нестле и нејзината подружница Нестле Вотерс. Во официјалното соопштение од француската агенција DGCCRF, која ја спроведува истрагата, се потврдува дека се проверуваат практиките на компанијата во однос на изворската вода.

Нестле Вотерс преку своја портпаролка ја потврди соработката со властите и истакна дека во моментот ги следат сите упатства и барања во текот на истрагата.

Проблемот што го истакнуваат критичарите е поврзан со неколку популарни брендови вода на Нестле, меѓу кои Perrier, Hépar, Contrex и Vittel. Според нивните тврдења, компанијата користела методи на филтрирање кои не ги одговараат стандардите за природна минерална вода, а всушност продавала филтрирана вода од контаминирани бунари како „природна“.

Извршниот директор на Нестле, Лоран Фрејкс, пред францускиот парламент изрази жалење поради овие тврдења и изјави дека компанијата презела мерки да ги сопре спорните практики. Сепак, организацијата Фудвоч останува на ставот дека станува збор за сериозна измама со потенцијален ризик по здравјето на потрошувачите и бара одговорност од Нестле и од надлежните регулатори.

„Најголемата светска компанија за храна нелегално филтрирала вода од контаминирани бунари и ја продавала како „природна“ – тоа е јасен случај на измама што претставува и здравствен ризик,“ изјави Крис Метман, извршен директор на Фудвоч Германија.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни