Нарушување на спиењето за кое многумина не се ни свесни може да доведе до деменција

Хрчење, будење во текот на ноќта или борба за здив може да бидат знаци на опструктивна апнеја – нарушување на спиењето кое се карактеризира со повеќекратен прекин на дишењето во текот на ноќта. Овој пореметување често останува незабележано, а според проценките, околу 80 отсто од случаите не се дијагностицирани. Опструктивната апнеја може сериозно да го наруши здравјето и да доведе до деменција.

Опструктивната апнеја во сон (OSA) е хронично, исцрпувачко нарушување кое предизвикува чести паузи во дишењето за време на спиењето, најчесто поради делумен или целосен колапс на горните дишни патишта.

„Хроничната OSA носи ризик од деменција“

Според д-р Данијела Жакиќ Милас, специјалистка по клиничка психологија од Клиниката за психијатрија Врапче, околу 10% од мажите и 3% од жените на возраст меѓу 30 и 49 години страдаат од ова нарушување, а застапеноста кај постарата популација достигнува и до 17% кај мажите и 9% кај жените во постменопауза.

Иако претходно се сметаше дека когнитивните нарушувања кај пациентите со апнеја се последица од други болести како дијабетес или висок крвен притисок, новите истражувања сè повеќе укажуваат на директната улога на самата апнеја. Процеси како ноќна хипоксемија (намалено ниво на кислород), оксидативен стрес, воспалителни процеси во мозокот и фрагментиран сон, влијаат врз постепено влошување на мозочните функции.

„Прекумерната дневна поспаност значително го зголемува ризикот од когнитивно опаѓање и појава на деменција“, вели Жакиќ Милас. Притоа посочува дека нарушувањето не е само прашање на „недоволно спиење“ кое може лесно да се надомести. Дури и со третмани кои ја намалуваат дневната поспаност, когнитивните дефицити често остануваат присутни.

Одумирање на мозочни клетки во зони важни за меморијата и однесувањето

Недостигот на квалитетен сон ја намалува чувствителноста на мозокот, го забавува преносот на нервните сигнали и предизвикува штетни биолошки процеси како оксидативен стрес и неправилно создавање на протеини. Долгорочно, овие процеси може да доведат до микрокрварења и намалување на мозочното ткиво.

„Истражувањата покажуваат дека кај луѓето со апнеја се случува одумирање на мозочни клетки во хипокампусот и фронталниот кортекс – области одговорни за меморијата, донесување одлуки и секојдневно однесување“, објаснува Жакиќ Милас.

Метанализа на 25 студии, во која биле опфатени над 1000 пациенти со OSA и скоро 900 здрави лица, покажала дека ова нарушување не влијае значително на општата интелигенција и вербалните способности, но значително ја нарушува вниманието и извршните функции. Една четвртина од пациентите со апнеја покажуваат сериозни когнитивни проблеми.

Апнејата не е само нарушување на спиењето, туку сериозен здравствен предизвик

Пациентите со апнеја имаат и до 20 пати поголем ризик од проблеми со концентрацијата, учење на нови информации и извршување на едноставни задачи.

Затоа, потребни се поефикасни методи за дијагноза и третман. Според Жакиќ Милас, идните истражувања треба да се фокусираат на генетските предиспозиции, траењето на болеста, метаболните и невроваскуларните фактори, како и на интегритетот на крвно-мозочната бариера.

Опструктивната апнеја не е само нарушување на спиењето – таа претставува сериозен ризик за менталното здравје. Раното откривање, правилната дијагноза и терапија може да играат клучна улога во спречување или ублажување на идни невродегенеративни состојби, вклучително и деменција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни