Особена тежина на настанот додаде присуството на синот на Борис Чипан, архитектот Александар Чипан. Тој ја истакна пријатната изненаденост и задоволството да биде дел од настанот инспириран од ликот и делото на неговиот татко, а неговиот поздравен говор го заврши во стилот на Борис Чипан: „Имав две големи среќи во животот: едната е да бидам архитект и другата да сум син на Чипан“. Поздравно обраќање имаа и претставници на Комората на овластени архитекти и овластени инженери кои изразија отворена покана до сите колеги да се обратат за поддршка во реализација на вакви настани.
Во првиот дел од настанот се одржа панел-дискусија на тема: „1955 г. – Архитектонското наследство како основа за современо проектирање“, а учесници на истата беа м-р Горан Патчев – виш конзерватор и актуелен директор на НУ Завод и Музеј – Охрид и Проф. Д-р Ана Ивановска Дескова – професорка на Архитектонскиот факултет во Скопје при УКИМ.
Во рамки на оваа дискусија, најпрво беше истакнато значењето на Борис Чипан и неговото творештво за градот Охрид, се разговараше за пристапите кон заштита на градителското наследство преку искуствата од досегашната институционална заштита кај нас и беше нагласена потребата од активирање на заштитените објекти преку нивна интеграција во современиот начин на живот. Се дискутираше и за влијанието на образовниот процес во дефинирање на односот на младите архитекти кон се она што е вредно наследство околу нас, а се потврди и значењето што го имаат ваквите едукативни настани и архитектонските изложби со цел подигнување на свесноста на пошироката јавност за вредните архитектонски примероци. Како заклучок на крај, беше потенциран потенцијалот кој го носи низата на објекти од модернистичкиот период во Охрид за продолжување на континуитетот во специфичната историска слоевитост на градот.
Во вториот дел од настанот се одржа панел-дискусија на тема: „2025 г. – Што со модернистичкото наследство денес? Архитектонскиот конкурс како алатка“, а учесници на истата беа маг. инж. арх. Марија Димитриевска Цилакова – основач на архитектонското студио Архитектура Нова и Проф. – Д-р Јован Ивановски – професор на Архитектонскиот факултет во Скопје при УКИМ.
Во рамки на оваа дискусија, најпрво беа посочени најважните фактори и чинители што го сочинуваат процесот на еден архитектонски конкурс како и кои се придобивките од архитектонските конкурси за архитектите, но и за другите засегнати страни, како што се институциите, заедницата и корисниците. Потоа се направи компарација на архитектонската пракса кај нас и во регионот, во минатото и сега, преку неколку конкретни примери образложени од панелистите. Значаен дел од дискусијата беше посветен на
неодамна спроведениот интернационален архитектонски конкурс „Наутички клуб Охрид“, проследен со подетално образложение на целиот процес од потекнувањето на идејата па се до неговата реализација, нагласувајќи ја важноста од вакви иницијативи. Беа презентирани и елаборирани квалитетите на наградените решенија, пришто беа извлечени и две тенденции кои преовладуваат во нив: минималистички, односно почувствителни во пристапот на интервенција со што е оддадена должна почит на постоечкиот објект (меѓу кои е и победничкото) и други кои настојуваат да му парираат или да го надминат во програмска и во естетска смисла постоечкиот објект. Како заклучок на крај, беше потенцирана потребата од продолжување со вакви иницијативи за испитување на квалитетите и можностите за развој на една локација и објект преку организација на архитектонски конкурси.
Проф. Д-р Ана Ивановска Дескова за настанот ,,Начинот на Чипан’’:
„Настанот кој архитектонскиот колектив АРХРИД го организира во секаква смисла претставува амбициозен и повеќеслоен потфат. Од аспект на содржина и организација, тој опфаќа низа активности – истражување, архитектонски конкурс, јавно претставување во форма на архитектонска изложба, панел дискусија во две тематски целини, публикација. Од аспект на методологија, станува збор за низа деликатно испреплетени чекори кои нудат не (нужно) линеарно толкување. Навраќајќи се кон делото на архитект Борис Чипан, низ временските перспективи
минато-сегашност-иднина, АРХРИД отвораат најмалку две дополнителни линии – од една страна го потенцираат прашањето за традиционалната архитектура на Охрид која Борис Чипан во својата младост ја препознава како вредна, а потенцијално загрозена, а која денес е заштитена и истовремено исчезната или архитектура во исчезнување. Од друга страна ја поставуваат самата градба на Борис Чипан, како претставник на еден нов слој на вредно, а непрепознаено и загрозено архитектонско наследство. Во таа смисла, АРХРИД го отвораат прашањето – што сѐ е градителско наследство и идентитет на градот Охрид? Како еден или група објекти стануваат доволно вредни за да биде зачувани? Кој (сѐ) го одредува тоа значење и врз која основа?
Во таа смисла, напорот на АРХРИД да препознаат, да истражат, да вреднуваат, да ги испитаат потенцијалите, јавно да презентираат, да отворат јавна дебата, да потсетат и афирмираат, да ја подигнат јавната свест… може да се сфати како вреден чин на „експериментална заштита“, значаен придонес во дополнувањето на локалната архитектонска историја на градот со богато и слоевито минато“.
Проф. Д-р Јован Ивановски за АРХРИД:
„Во минатото само двајца Македонци ја добиле најголемата југословенска награда за архитектура „Борба“ – Павел Балабанов и Борис Чипан, и двајцата охриѓани. Во таа смисла, уште од тогаш постоела некоја симбиотска врска помеѓу охриѓани и македонската архитектура. Разликата сега е тоа што оваа млада генерација на архитекти од Охрид успеа да се обедини и да направи еден колектив којшто ќе може да организира еден ваков настан, да се направат конкурси на кои луѓе од цел свет ќе работат задачи за Охрид и на тој начин да ги промовирате не само македонското поднебје, историја и традиција, туку и македонската современа архитектонска сцена.“
На крајот од настанот посетителите имаа можност да ја разгледаат изложбената поставка која беше поделена во две тематски целини. Првиот дел беше посветен на ликот и делото на Чипан, книгата „Стара градска архитектура во Охрид“ и проектот за Феријалното одморалиште „Младост“, додека во вториот дел од изложбата беа презентирани наградените решенија од интернационалниот архитектонски конкурс за ревитализација на Феријалното одморалиште во Охрид – „Наутички клуб Охрид“.
Целокупната содржина и реализацијата на настанот се резултат на волонтерските заложби на тим од 8 архитекти – членови на АРХРИД: Стефан Назифовски, Симона Чингоска, Теа Дамјановска, Ева Зовиќ, Анастасија Ристеска, Филип Спасески, Иво Лазароски и Стефан Жупан.
АРХРИД изразува искрена благодарност до сите кои го посетија настанот, ги ислушаа стручните ставови и ја погледнаа изложбата.
*Секој кој што не успеа да го посети настанот „Начинот на Чипан“ и да ја набави истоимената публикација, истото може да го стори со контакт на:
ig: @arhrid_collective fb: @arhridkolektiv