На денешен ден е роден Григор Прличев, еден од основопложниците на македонската книжевност

Според Македонската енциклопедија, тој е писател кому Македонија му е и љубов и судба и болка и очај и неопходност и тага и лулка и гроб.

На денешен ден, 18 јануари во 1830 година се родил Григор Ставрев Прличев, истакнат македонски писател од времето на романтизмот и значаен претставник на македонската книжевност од XIX век.

Според Македонската енциклопедија, тој е писател кому Македонија му е и љубов и судба и болка и очај и неопходност и тага и лулка и гроб.

Прличев бил ученик на Димитрија Миладинов, кој во тоа време учителствува во Охрид. Извесно време се вработува како терзија, а подоцна станува учител во Тирана, Албанија. Во 1849 г. се запишува како студент по медицина на Атинскиот универзитет. Во текот на 1850-59 г. повторно се враќа во Македонија и учителствува на повеќе места: Долна Белица, Струшко, Битола, Прилеп и Охрид, за да си обезбеди услови за продолжување на студиите.

Во 1859 година повторно доаѓа во Атина, како студент на втора година по медицина. Во овој период ја пишува поемата „Сердарот“. Во 1860 ја добива наградата на големиот атински конкурс за најдобра поема на грчки јазик, паричен дел и лаворов венец. Истата година делото излегува од печат.

За поемата „Сердарот“ („О Арматолос“) тој бил прогласен за втор Хомер (1860). Во наградата спаѓало и студирање во Берлин или Оксфорд, но таа награда можел да ја добие само ако се откаже од сè словенско во него — и тој ја одбил.

Поетската творба Сердарот се смета за апсолутен врв на сиот влог што во уметноста на зборот овој творец го дал. За книжевната наука оваа поема треба да се разгледува во контекстот на европската теорија на романтизмот. 

Други позабележителни негови творби се Автобиографијата и словото-есеј „Чувај се себеси“, поемата „Скендербег“ и мала серија песни за деца кои се сметаат за родоначалнички во македонската литература.

Во 1871 година го објавил препевот на „Илијадата“, но бил жестоко искритикуван, па дури и исмеан од бугарската критика. Причината била тоа што тој пишувал на општословенски, а не на бугарски литературен јазик.

Во 1890 година Прличев се пензионирал и се повлекол во родниот град Охрид. На 6 февруари 1893 во Охрид поетот починал.

Смртта на Прличев означувала крај на една ера и почеток на нова ера во која дел од неговите ученици ќе ја основаат Македонската револуционерна организација, а Крсте Петков Мисирков ќе ја создаде За македонцките работи.

Гробот на Глигор Прличев се наоѓа зад црквата Света Богородица Перивлепта во Охрид, а спомен-домот посветен на него се наоѓа исто така во Охрид, на улицата Самоилова, близу до црквата Света Софија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни