Младешки ентузијазам и висока професионалност на уметниците од Музичката младина на Македонија

Восхитувачка интерпретација и музичка префинетост покажаа професионалните млади инструменталисти од Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски-Ѓумар“  музицирајќи вчеравечер на „Охридско лето“.

Концертот традиционално се одржува секоја година на фестивалот  во црквата „Света Софија“ , овојпат се одвиваше под диригентската палка на маестро Иван Еминовиќ кој има богато професионално портфолио. Ова не е негова прва соработка со уметниците од  Музичката младина младина.

-Се работи за младински оркестар но со искусни музичари. Некои од нив  веќе подолго свират во Македонската опера и балет и во Македонската филхармонија.  Секогаш е прекрасно чувството  да се работи со  младина. Тие се секогаш подготвени, секогаш зрели. Годинава за публиката на „Охридско лето“ подготвивме  одлична и интересна програма. Имавме еден вид натпревар  помеѓу двајцата великани Антонио Вивалди и  Астор Пјацола изведувајќи ги нивните  годишни времиња, секој од  својата доба. Имаше многу убава фузија на звуци. Репертоарот го завршивме со еден, би рекол, бисер на вечерта од нашиот композитор и уметник, Дамјан Темков. Композицијата носи наслов „За една драма“ или „За една дама“, кој како сака може да си ја протолкува. Верувам дека публиката уживаше, вели маестро Еминовиќ.

Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои 38 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година. Повеќе од 400 млади музичари биле дел од овој уникатен состав, а диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле: Ф. Муратовски, Г. Коруновски, С. Николовски-Ѓумар, В. Николовски-Ѓумар, М. Спасов, Б. Цанев, А. Ремерајт, Б. Чадловска, О. Кондратенко, Миша Кац, Џанлука Мартиненги и Елена Митревска.

Оркестарот има остварено повеќе од 100 концерти добивајќи голем број позитивни критики и признанија, а на неговиот репертоар, покрај делата од светската класика, свое место наоѓаат и делата на современите македонски композитори.

Веќе 38 години завршниот концерт на летната сесија на оркестарот е дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“, а во последните  години и на фестивалите „Скопско лето“ и „Битолско лето“. Од 2018 година оркестарот го носи името на македонскиот диригент Саша Николовски-Ѓумар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни