Можен ли е крај на ХИВ – и на другите сексуално преносливи инфекции?

Сите досегашни проценки укажуваат дека епидемијата на ХИВ во Македонија е на релативно ниско ниво. Тоа значи дека бројот на граѓани засегнати од овој вирус – независно дали се свесни за тоа или не – е во секој случај доста под 1000, а веројатно околу 500. Што се однесува до оној дел од „сантата мраз“ којшто е под вода и не го гледаме, исто така не станува збор за некакви застрашувачки размери. Имено, се проценува дека во последните неколку години, бројот на оние што не се дијагностицирани во кој било момент изнесува меѓу 100 и 200 лица. Сепак, останува прашањето како се справуваме како земја дури и со ова релативно ниско и релативно локализирано ниво на епидемија.

Честопати мислев дека токму релативно малиот број лица засегнати од ХИВ – како и нивната практична невидливост во јавниот простор – се причината што ова прашање добива несоодветно внимание од надлежните институции. Но, всушност, мошне слична, па и многу полоша е ситуацијата и со заболувања коишто засегаат повеќе илјади граѓани, како што се, на пример, хроничните хепатити Б и Ц. За овие инфекции не постои ниту веродостојна евиденција, ниту проценки. Нема ниту стратегија. Најмалку внимание, се чини, добиваат најчестите бактериски сексуално преносливи инфекции – сифилис, гонореа и хламидија.

Како некој што работи на оваа проблематика во граѓанскиот сектор, сведок сум – директно или индиректно – на најразлични анегдоти во врска со институционалниот третман на сексуално преносливите инфекции. Од шаблонската реакција „сифилис во 21. век?!“ кога ќе спомнете дека има зголемен пренос на оваа инфекција во последните неколку години, па сè до (буквално) поместување од место на доктор специјалист по дерматологија на соодветната универзитетска клиника во Скопје кога му се јавува пациент со веќе дијагностициран сифилис. Епидемиолошката евиденција на сексуално преносливите инфекции е најблаго кажано проблематична – со образложение дека дијагностицираните случаи наводно не се пријавуваат поради стигмата врзана за нив. Институтот за јавно здравје за прв пат извести за зголемен број случаи на сифилис дури оваа година за минатата 2022 година (22 регистрирани случаи), иако граѓанските организации преку своите здравствени програми ова го констатираа најмалку 3 години порано и алармираа за трендовите.

Лекувањето на споменатите инфективни заболувања во Македонија е исто така проблематично. Може да се каже дека најдобро стоиме кај ХИВ, бидејќи секое дијагностицирано лице веднаш може да пристапи кон антиретровирусна терапија, која е доживотна и целосно го потиснува вирусот во крвта на долг рок – до таа мера да не може да му штети на имунолошкиот систем, но и да не може да се пренесе преку сексуален однос. И додека поголемиот процент од пациентите примаат современи тераписки опции, сепак, околу 40 % од нив сè уште примаат лек (ефавиренз) кој не е препорачана опција ниту од Светската здравствена организација, ниту од Европското клиничко здружение за СИДА.

Значително полоша е ситуацијата со другите инфекции. Така, со современи терапии за хепатит Ц, кои постојат веќе 9 години и во рок од 3 месеци целосно го елиминираат вирусот кај над 95 % од лицата со хронична инфекција, во Македонија се лекуваат едвај 70 лица годишно, иако заболувањето засега повеќе илјади граѓани, а постепено води до цироза и до рак на црниот дроб.

Хепатитот Б, пак, во Македонија се лекува со лек за хронична терапија (ламивудин), кој се наоѓа на позитивната листа, но кој Светската здравствена организација веќе многу години наназад препорачува да не се користи за лекување на ова заболување, бидејќи предизвикува резистентност и нема долгорочен ефект, а други многу поефикасни терапии има! Едната од нив е стар лек (тенофовир), кој е достапен како генерички производ и одамна не е скап, но одговорните институции – пред сè, Министерството за здравство, а потоа и Фондот за здравствено осигурување, како и соодветните клиники, не наоѓаат за сходно да го обезбедат за пациентите.

Веројатно најтрагикомична е ситуацијата со сифилисот. Тој се лекува лесно – со стариот добар пеницилин (бензатин бензилпеницилин), кој е првопрепорачана терапија во меѓународните упатства за лекување. Но, пеницилинот веќе со години не е достапен во Македонија, па дури и ако сакате да го платите приватно. Луѓето со потврден сифилис ни пријавуваат дека си го обезбедуваат некако од Грција и, почесто, од Косово.

Идејата да се ослободиме од ХИВ и од други сексуално преносливи инфекции може да звучи утописки и недостижно. Во Македонија речиси воопшто и не се дискутира, вклучително и од експертската јавност и институциите што се фактички надлежни за справување со предизвиците на јавното здравје – пред сè Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје. Затоа, можеби ќе биде изненадување за многумина, но елиминирањето на ХИВ, вирусните хепатити и најчестите сексуално преносливи инфекции – сифилис, гонореа и хламидија – не само што е возможно, туку е и официјално преземена политичка цел од најголем дел од земјите во Европа и Централна Азија, која треба да се постигне до 2030 година. Во однос на ХИВ, тоа е и обврска преземена од сите земји на Генералното собрание на Обединетите нации во 2021 г.

За жал, кога во 2022 година Регионалниот комитет на Светската здравствена организација за Европа ја дискутираше и усвои соодветната резолуција за Регионалните акциски планови за ставање крај на ХИВ, вирусните хепатити и сексуално преносливите инфекции 2022-2030, Северна Македонија како по обичај беше една од оние незаинтересирани држави чии официјални претставници не чувствуваат дека и ние треба да учествуваме во градењето на регионалните и глобалните политики, во која и да е област, па столчето на нашата земја остана празно на оваа сесија, иако тогашниот министер за здравство Сали беше присутен на неколкудневниот настан во Тел Авив. Столчето на истиот министер остана празно и на сесијата посветена на ХИВ, вирусните хепатити и туберкулозата, на која земји како, на пример Грузија, го презентираа својот напредок кон елиминација на хепатитот Ц.

Елиминацијата на овие епидемии сè уште не значи нивно целосно искоренување, но значи дека можноста за нови инфекции ќе биде сведена на минимум и случаите на пренос ќе бидат спорадични. Заедничко во пристапот за сите споменати заболувања е, пред сè, дијагностицирањето и лекувањето. Колку повеќе лица со ХИВ дијагностицираме, толку повеќе се намалува бројот на нови инфекции, бидејќи штом луѓето се на терапија, вирусот не може да се пренесе. Слично и кај сифилисот, гонореата или хламидијата – ако ги дијагностицираме брзо и ги излекуваме – нема инфекција што би се пренела.

Регионален комитет на СЗО за Европа, Тел Авив, 2022 година: Столчето на Северна Македонија остана празно кога се усвојуваа европските Регионални акциски планови за ставање крај на ХИВ, вирусните хепатити и сексуално преносливите инфекции (2022-2030). (© World Health Organization)

Достижноста на оваа цел одамна не е теорија; во ХИВ, на пример, сè повеќе земји бележат драматично приближување до елиминација. Земји како Шведска, но и земји како Боцвана. За да се случи ова потребни се насочени програми за скрининг, превенција и лекување, услуги што одговараат на реалните потреби на луѓето и им се достапни на ниво на заедницата; како и дестигматизирање на сексуалното здравје, особено во рамките на институциите.

Наместо тоа, нашата Влада континуирано работи на уништување и на оние позитивни примери кои беа градени веќе две децении од долу нагоре, благодарение на кои Македонија успешно спречи епидемија на ХИВ меѓу луѓето што користат дрога, кои донекаде ја контролираат епидемијата на ХИВ меѓу мажите што имаат секс со мажи и кои во моментов се единствените мерки коишто придонесуваат и за справување со епидемијата на сифилис – бидејќи овозможуваат лесен пристап до услуги за дијагностика и брзо лекување.

Тимот експерти што ѝ помагаат на Владата во имплементацијата на Националната стратегија за здравство (2022-2030) со поддршка од Европската Унија пред само неколку месеци ја посочи токму националната програма за ХИВ како пример за вистинска јавно-здравствена програма во делот на превенцијата. Во неа соработуваат поголем број актери од различни сектори, и е една од ретките што има јасно дефинирани цели и показатели во однос на јавното здравје. Економската евалуација што беше направена единствено за оваа Програма не играше улога во одлуката на Министерството за финансии во однос на нејзиното буџетирање за 2024 година. Па така, буџетот за следната година е ист како оној пред 6 години, кога преку Програмата за ХИВ се обезбедуваше терапија за околу 230 пациенти, а во 2024 ќе бидат лекувани најмалку 430. За сметка на тоа, насочената превенција ќе биде целосно уништена.

Затоа, одговорноста што не се движиме кон елиминација на овие заболувања е на политичкото раководство и на институциите што се надлежни.

Авторот е извршен директор на Здружението на заедницата на луѓето што живеат со ХИВ „Заедно посилни“ и член на ХЕРА

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни