Search

Младите треба да изберат работа што ќе ги прави среќни

Арно е здружение кое прави добро преку нови бизнис модели, преку зелено социјално претприемништво. Според оваа организација социјално претприемништво би било правење добро не само за заедниците, туку и за природата. „Сега е актуелна зелена и социјална економија, во зависност од општествени случувања се дава поддршка за различни потреби, мигрантски кризи, корупција, човекови права, дигитализација, ментално здравје. Не е лесно да се има континуитет и кредибилитет преку работење во дефинирани области. Ама затоа многу е убаво да се работи нешто со кое се прави добро. Младите треба да си изберат работа која ќе ги прави среќни, нема само да им ги плаќа сметките. Сосема легитимно, и пожелно, е да работат и во нашиот трет сектор“, вели Ирина Јаневска, претседателка на Арно, здружение за социјални иновации.

Трн: Кој е главниот фокус на АРНО?

Ирина: Нашето име имплицира правење добро (АРНО=добро), што може да се види низ нашите програмски интервенции во областа на филанторпијата. Но, сепак главниот фокус ни е правење добро преку нови бизнис модели, преку зелено социјално претприемништво. Тоа се нови пристапи, затоа на нашето здружение во главниот опис му стои  дека е здружение за социјални иновации. Работиме на едукација на младите, а и на сите граѓани, за бизнис модели преку кои се генерира профит кој се реинвестира во социјална мисија, бизнис модели преку кои вработените имаат права, бизниси преку кои не се наштетува на животната средина, туку напротив, нешто се подобрува (се ре-употребува, се поправа), се заштитува (пример, стара сорта кајсии, река, земјиште), и е поодржливо (бизнис модели преку кои се предвидува што ќе оставиме на следните генерации). Сето ова го правиме преку натпревари, затоа што некако тие формати полесно допираат до граѓаните. Натпреварот „Зелени идеи“ АРНО го организира 10 години и многу сме среќни што преку овој натпревар освојуваме регионални награди. Луѓето почнаа полека да веруваат дека натпреварот е транспарентен, дека идеите нема никој да им ги украде, научија што се необновливи извори, дека не смее да се буџетира пластика за еднократна употреба, дека мора да се има план како бизнисот ќе ги покрие трошоците (плата макар само и за едно лице), дека мора да се внимава на амабалажа, пазарен пристап, соработки. Покрај натпреварот нудиме и идеациски и инкубациски програми за млади (проектот RISE) каде примаме тимови кои имаат само идеја за социјален бизнис. Во тие програми нудиме обуки, менторство, за раче ги носиме тимовите од точка А до точка Б и сите навиваме за нив. Не е само едукацијата важна, во нашето културно милје многу работиме и на мотивација, верба дека нешто се може. И на крајот од денот, запознаваме, спојуваме многу луѓе, за кои ние велиме дека се добри луѓе и сакаат да направат добро во нашата земја.

Трн: Еден од проектите на кои работите е преминот кон зелена и дигитална транзиција во регионот на Западен Балкан, која е главната цел на овој проект и дали сте оптимисти дека ќе се случи реален премин кон циркулрана економија.

Ирина: Проектот ЕИЦЕЕ (Екосистем за екоиновации и циркуларна економија во Западен Балкан) е прилично амбициозен, се согласувам. Овој проект има различни компоненети, инаку да, целта е токму таа зелена и дигитална транзиција на Западен Балкан. Бидејќи е транзиција, ние ќе си дозволиме да кажеме дека ова е едно мало чекорче напред, со надеж дека нема како нашето оро да отидеме две напред и едно назад. Чекор напред гледаме во истражувачката компонента на оваа тема. Пред неколку дена имавме настан на кој го презентиравме тековниот повик од проектот со кој се дава поддршка за развој на прототипи, бизнис модели со кои граѓанските организации ќе се приближат до циркуларната економија. На истиот настан имавме истражување на кое се прикажаа дел од состојбите во Македонија. Истражувачката посочи неколку факти за циркуларната економија во Македонија: дека имаме високо ниво на создавање комунален отпад, со тренд на пораст-од 380 kg/жител во 2015 год., се зголемило на 441 kg/жител во 2019 год. Понатаму, дека имаме и екстремно ниска стапка на рециклирање од 0,3%, околу 31% од отпадот не се третира (не се води сметка за него), стапките на компостирање паднале од 0,4% во 2015 год. на 0% во 2020 год.

Оптимизмот од овој проект повеќе ни е во насока во пронаоѓање на луѓе, ете од јавниот оглас наидовме на прекрасна истражувачка, професорката Наташа Данилоска, со која веднаш се разбравме каде сакаме да погледнеме подлабоко. Се надеваме и дека ќе има доста апликации на повикот за грантови, дојдоа колеги со многу убави идеи, интересни модели кои ако ним им се остварат, сите ќе имаме придобивки. Пример-производство на мебел од отпаден картон, чанти од пвц банери од кампањи/проекти и многу други постоечки и идеи кои допрва ќе се развиваат. Исто, се надеваме дека и институциите ќе се разбудат. Европската Унија многу експлицитно дава насоки за таа транзиција. Слободно нека прочитаат граѓаните за пасош на дигиталните производи, нам ни се гледа многу револуционерно тоа што сите производи ќе имаат документ со кој ќе се види не само суровината, туку и потеклото на материјали, кој ги произвел, со каков третман, каква е амбалажата, кој е животниот циклус на производот, ќе имаат упатство за поправки и сл.

Трн: Што е социјално претприемништво според АРНО?

Ирина: Во најкраток можен одговор, социјално претприемништво според АРНО би било правење добро преку бизнис. Правење добро не само за заедниците, луѓето, туку и за природата. Имање сенс за заедништво, однос кон ресурсите, визија за иднината, а не само експлоатација на тоа што го имаме сега. Во многу земји акцентот на оваа економија се става на работна интеграција, решавање на локални проблеми со бизнис пристап. Ние сме во ред со тоа. Некако и несмасно е денес да збориме дека не ни треба работна сила. Ние гледаме што се случува на пазарот на труд, работните миграции. Многу често во дебатите за социјално претприемништво ќе се чуе дека подобро е луѓето што живеат од социјална помош да се извадат од дома, да им се дадат вештини, да се интегрираат преку работни места. Тоа е win-win за сите. Ние тука само додаваме дека ни е важна и зелената димензија. Во АРНО не може да валидираме бизнис кој прави добро за луѓето, а штети на животната средина. На пример, интересно е да се отвори мини бизнис на пазарчињата каде, на пример млади од рурални средини, со помалку можности, ќе прават салати и сокчиња од сето непродадено овошје и зеленчук. Тоа би било супер за локалните произведувачи кои дента не успеале да продадат се, да заработат плус денар. Би било супер приход и за продавачите. Би било супер тие овошки да не станат био-отпад кој е голем загадувач преку стакленички гасови на депонии. Но, не би било супер тие салатки и сокчиња да се продаваат во пластики за еднократна употреба. Ние во АРНО не би можеле да ставиме лого и да дадеме поддршка на таков бизнис. Ги гледаме сите аспекти на зелено работење (производство, амбалажа, рекламирање, дистрибуција).

Трн: Како е да се работи во здружение и која е вашата главна порака до младите ?

Ирина: Воопшто не е лесно да се работи во здружение.  Ние имаме проекти кои траат 2-3 години и секогаш сме во потрага по финансирање, за да го задржиме тимот, да си ја задржиме областа во која работиме, партнерствата. А гледате дека има трендови на давање на поддршка. Сега е актуелна зелена и социјална економија, во зависност од општествени случувања се дава поддршка за различни потреби, мигрантски кризи, корупција, човекови права, дигитализација, ментално здравје. Не е лесно да се има континуитет и кредибилитет преку работење во дефинирани области. Ама затоа многу е убаво да се работи нешто со кое се прави добро. Младите треба да си изберат работа која ќе ги прави среќни, нема само да им ги плаќа сметките. Сосема легитимно, и пожелно, е да работат и во нашиот трет сектор. Интересни се генерација Зед, препознаваат дека квалитетот на живот не може да е добар ако 8 часа од денот одат на рандом работа и прават нешто што не ги исполнува или е спротивно од нивните вредности. Браво за младите, тие не само за работа, и како конзумери се посвесни. Не сакаат да купуваат од компании кои загадуваат, или се на погрешна страна од правдата.

Од младите би побарале поголема поддршка. И јас израснав во овој сектор и сум преблагодарна што добив еден тон неформално образование, бев младински активист во ХЕРА, во Y-PEER, во еден куп мрежи и здруженија. Стекнав вештини, искуства кои ниту формалното образование ми ги даде, ниту приватниот сектор (кој некако и го заобиколив). Ние работиме и со средни училишта и со студенти. Сакаме поддршка и маааалку признание дека им испорачуваме знаење, верба и можности (финансиски, какви-такви) и друг вид поддршка. Не бараме од младите ништо посебно, само да се присутни, мотивирани, да се активни, да се добри луѓе и да прават добро, дали преку нивен импакт бизнис, преку менторство, преку класичен активизам.

Трн: Имате импресивна листа на партнери, поддржувачи. Како успеавте да стекнете како граѓанска организација толку моќна поддршка и што значи истата за организацијата?


Ирина:
Чесни сме, и веројатно има улога и фактор среќа, карма. На право место сме се нашле, со прави луѓе и сме биле искрени во нашите идеи, барања.Малку сме и поразлични, од другите, по наши претпоставки ова. Знаеме често да се спротивставиме кога донатори имаат различни визии за мобилизирање на заедница, а не излегле од канцеларија. Знаеме да изреагираме ако некои партнери сакаат да печатат брошури, затоа што така се навикнале, па со фино објаснуваме кои се нашите вредности. Често зборуваме и за неуспесите, ако нешто не се остварило според пишаното во проектна апликација, сакаме да видиме што е проблемот, не да го зашеќериме, да направиме обланда извештај и да прикажеме друга реалност, само за да се пофалиме. Ако нешто не знаеме, кажуваме, ние сме експерти во ова, но ќе ги пронајдеме луѓето и ќе ги внесеме во процесот. И веројатно сите овие пристапи не донеле до слични луѓе, слични поддржувачи. И нѐ оддалечиле од некои. Сигурно некој таму збори, оставете ги АРНО тие се воркохолици, многу одат во длабина, ах тие многу патуваат и мислат се што виделе во светот тука ќе донесат…Сме слушнале и ова , ете нека отиде во етер. Ние ќе си се држиме до она “ Your vibe attracts your tribe”. Преблагодарни сме за сите што ни се во поблизок круг, и сакаме да запознаеме уште слични нам луѓе, организации, институции…

Трн: Може ли да кажете статистички колку учесници искористиле од овие грантови?


Ирина:
Зборувајќи преку бројки, можеме да споделиме дека во 10 години како АРНО го организира националниот натпревар „Зелени идеи“ имаме 10 победници на регионално ниво, 10 македонски бизнис идеи кои добиле вкупно 95 000 долари поддршка за развој на нивните бизниси. Преку RISE програмата имаме инвестирано 15 000 евра во победничките младински тимови. Преку прекуграничниот проект SEED имаме доделено повеќе од 20 000 евра во опрема за македонски социјални претпријатија. Ова е само врвот на сантата мраз, нешто што е видливо, опипливо, нешто што може да се квантифицира, ете конкретно преку доделени средства.  Инаку, можеме да наброиме повеќе од 400 апликанти на натпреварите и програмите за инкубација, повеќе од 200 ученици (од Европа, не само од кај нас), околу 50-тина професори кои поминале низ наши програми.

Трн: Да посочите некои позитивни примери?

Ирина: Од наши примери, имаме повеќе, еве за да дадеме простор за сите сега би ги навеле „Камп“, еден тим составен од млад извидник и другарка психолог, учествуваа во RISE програмата и победија со идеја за отворање на шумска градинка во Штип. Концепт кој доаѓа од Скандинавија, од 60-тите години, донесен кај нас. Дечињата се во природа, не се затворени во четири ѕида како во класична градинка. Дечињата имаат куп образовни активности, овој мал социјален бизнис има за цел да даде вработување и на маргинализирани лица. Добија поддршка од општината, убава парцела во шума, блиску до градот. Многу симпатични млади со убави амбиции.

Од странски примери, сакам еден да издвојам, минатата година патував преку програмата NGO Academy во Виена и во рамки на неа имавме посети во социјални претпријатија. Ме импресионираше едно кафуле (Vollpension) во кое работат пензионери кои имаат мали пензии. Целото кафуле беше уредено во специфичен стил, имаше постарински колачи, цедени сокови, џемови, и беше преполно.

Трн: Дали сметате дека со носење на Законот за социјално претприемништво ќе се промени нешто и што конкретно  ќе придонесе за младите

Ирина: Деновиве ни се очите силно вперени во политичките процеси затоа што во ноември имаше финална верзија од Законот, поставена на платформата Енер, дадовме коментари и очекувавме да добиеме законска рамка со која ќе се добие не само дефиниција на социјалното претприемништво, туку и поддршка, и поголемо препознавање. Новата влада не знаеме како ќе гледа на овој документ, слушаме најави за реорганизација на министерства, и имаме загриженост дека со тоа целата поставеност на предлог-законот ќе падне во вода. Но како и да е, ако има политичка волја ние сме тука да учествуваме во процесите и да го понудиме сето знаење и искуство, одново и одново. Законите можат да бидат ветер во крила, можат да бидат сопки. Ние живееме во отсуство на правна регулатива една декада, и секако си течат процесите, и во овие услови ги бодриме младите да основаат социјални претпријатија. АРНО веќе полека се насочува и кон приказната на импакт инвестирање, работење и со приватен сектор, нови фондови, и без разлика на овие процеси (носењето регулатива), ние секако продолжуваме со обезбедување поддршка на младите.

Насловна фотографија: Томислав Георгиев

Најново

Последни колумни