Семејната акциона комедија во продукција на Warner Bros. и Legendary, со буџет од 150 милиони долари, ги надмина сите очекувања. Наместо предвидените 70 до 80 милиони во Северна Америка и 65 милиони на меѓународните пазари, филмот собра 157 милиони долари во САД и Канада, и дури 144 милиони долари во 68 територии низ светот – од вкупно 40.300 кино екрани.
„Minecraft“ е веќе втор најуспешен старт на филм базиран на видео-игра, веднаш зад анимираниот „The Super Mario Bros. Movie“ од 2023 година. Овој успех е големо олеснување за Hollywood, кој годинава се соочи со слаби приходи и неколку неуспешни проекти.
Најсилни пазари надвор од САД се Велика Британија (19,9 милиони долари), Кина (14,5 милиони), Мексико (11,2 милиони) и Германија (10,6 милиони). Особено значајно е што филмот „Minecraft“ не доживеа неуспех на кинескиот пазар, како многу други холивудски филмови. Напротив, тоа е најуспешната видео-игра адаптација во Кина во последните пет години.
Филмот го режира Џеред Хес („Napoleon Dynamite“), а во главните улоги се Џејсон Момоа и Џек Блек. Сценариото следи четири аутсајдери кои се втурнати во кубичен свет преку магичен портал. Видеоиграта Minecraft, лансирана во 2011 година, стана еден од најпопуларните дигитални брендови во светот.
„Одличниот датум за премиера и универзалната PG-класификација беа клуч за овој успех,“ вели Пол Дергарабедијан од Comscore. „Овој викенд е пресвртница за филмската индустрија и може да го означи почетокот на големото враќање на публиката во киносалите.“
Филмот „Minecraft“ пристигна во време кога бокс-офисот беше во застој поради неуспешни продолженија и оригинални филмови како „Snow White“, „Mickey 17“ и „The Alto Knights“. Сега надежите се насочени кон претстојните „Thunderbolts“, „Superman“, „Mission: Impossible – The Final Reckoning“ и римејкот на „Lilo & Stitch“ за да се намали загубата во бокс-офисот во 2025.